Ова е новата листа на најмоќни пасоши во светот: Две силни земји имаат голем пад

Азиските земји се на врвот на листата на најмоќни пасоши, но европските земји сè уште доминираат

Најновата листа на најмоќни пасоши во светот за 2025 година покажува континуирана доминација на европските земји.

Според индексот “Henley Passport”, кој ги рангира пасошите врз основа на бројот на дестинации достапни без виза, Сингапур е на врвот втора година по ред.

Податоците, собрани од Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA), потврдуваат дека оваа азиска земја сè уште го држи првото место, дозволувајќи им на своите граѓани да патуваат во дури 193 земји без визи. По неа следуваат Јапонија и Јужна Кореја, кои го делат второто место со пристап до 190 дестинации.

Најмоќните пасоши во светот

Сингапур – 193 дестинации без виза
Јапонија и Јужна Кореја – 190 дестинации без виза
Данска, Финска, Франција, Германија, Ирска, Италија, Шпанија – 189 дестинации без виза
Австрија, Белгија, Луксембург, Холандија, Норвешка, Португалија, Шведска – 188
Грција, Нов Зеланд, Швајцарија – 187
Обединето Кралство – 186
Австралија, Чешка, Унгарија, Малта, Полска – 185
Канада, Естонија, Обединети Арапски Емирати – 184
Хрватска, Латвија, Словачка, Словенија – 183
Исланд, Литванија, Соединетите Американски Држави – 182

Доминација на Европа

По азиските лидери, следи вистинската доминација на Европа. Третото место го делат седум членки на Европската Унија: Данска, Финска, Франција, Германија, Ирска, Италија и Шпанија. Носителите на нивните пасоши можат да патуваат во 189 земји без виза.

Хрватскиот пасош за прв пат влезе во првите 10 и го дели деветтото место со Словенија.

Унгарија е на 7-мо место, Италија е на третото место, а од земјите во регионот Србија е на 34-то место. Црна Гора го зазеде 40-тото место, а Босна и Херцеговина на 42-то.

Македонските граѓани без виза можат да патуваат во 130 држави во светот, покажува најновото рангирање на „The Henley Passport Index“. Македонскиот пасош е на 38. место во светот и бележи скок во споредба со минатата година кога беше на 45-то место. 

И покрај силата на континентот, каде што дури 28 европски земји се меѓу првите 10 благодарение на Шенген зоната и силните дипломатски врски, сликата не е униформна. На самото дно на европската листа се Белорусија и таканареченото Косово, на 62-ро и 61-во место.

Земјите со најмалку дестинации без виза вклучуваат: Либан, Демократска Република Конго, Јужен Судан, Иран, Шри Ланка, Судан, Северна Кореја, Бангладеш, Еритреја, Палестинска територија, Либија, Непал, Пакистан, Сомалија, Јемен…

Велика Британија и САД го губат влијанието

Една од најзначајните промени се однесува на поранешните лидери. Велика Британија, која имаше најмоќен пасош во 2015 година, падна за уште едно место и сега е шеста, со пристап до 186 земји.

Соединетите Американски Држави, кои беа на врвот на листата во 2014 година, сега се на десеттото место, што е најнизок ранг во 20-годишната историја на индексот. Американскиот пасош овозможува влез во 182 дестинации.

“Henley & Partners”, кои стојат зад истражувањето, го припишуваат овој пад на сè порестриктивните правила за влез во двете земји.

Од друга страна, земји како Обединетите Арапски Емирати (8-мо место), Саудиска Арабија (54-то место) и Кина (60-то место) бележат брз раст благодарение на новите безвизни договори и леснотијата на влез за странци.

„Пристапот мора да се заработи и одржи. Оние кои инвестираат во дипломатски односи обично напредуваат“, заклучи Кристијан Келин, претседател на споменатата компанија.

Зачлени се на нашиот е-билтен