Наместо 19, патувањето ќе трае само 3 часа: Брзиот воз ќе ги поврзе двата популарни главни градови

Според договорот на Португалија и Шпанија, првата директна линија за брз воз помеѓу Лисабон и Мадрид треба да биде завршена до 2030 година

Проектот треба да биде завршен до 2030 година и носи револуционерна промена во сообраќајот помеѓу двата главни града на Пиринејскиот Полуостров, нудејќи им на патниците побрза, поевтина и поеколошка алтернатива на авионот.

Првата директна линија за брз воз помеѓу Лисабон и Мадрид треба да биде завршена до 2030 година, според договорот потпишан од владите на Португалија и Шпанија, со поддршка на Европската комисија, објави португалското Министерство за инфраструктура.

Во моментов, нема директна линија за воз помеѓу двата главни града на Пиринејскиот Полуостров, па патниците денес мора да се префрлаат неколку пати, што може да го продолжи патувањето до 19 часа.

„Овој проект не е само нова железничка линија – тоа е чекор кон одржлива мобилност и посилна поврзаност во рамките на Европа“, рече португалскиот министер за инфраструктура Мигел Пинто Луз.

Лисабон и Мадрид во моментов се поврзани со околу 40 летови дневно, а просечното време на летот е околу еден час. Сепак, европските власти сакаат железничкиот транспорт да стане поеколошка и поконкурентна алтернатива на воздушниот транспорт, во согласност со климатските цели на Европската Унија.

Еден од предизвиците на проектот е различната ширина на колосекот што ја користат шпанските и португалските железници во споредба со европскиот стандард. Затоа двете земји се обврзаа да спроведат детална анализа на трошоците и придобивките од преминувањето кон заеднички, европски систем до 2027 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен