На првата пауза од судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, пред големата судница во „Идризово“, каде што се чита едно од најтешките обвиненија во поновата историја на македонското судство, се случи мал, човечки гест кој ја расече тежината на денот. Мајка на едно од загинатите деца, со термос во рака и потресен, но мирен глас, им пријде на новинарите и на другите родители што стоеја пред објектот.
„Никаде не одиме без кафе, син ми многу пиеше кафе. Ајде, напијте се“, им рече таа, нудејќи пластични чаши со топол пијалак на новинарските екипи и на семејствата кои заедно ја чекаа продолжената пауза, откако дел од бранителите побараа одлагање и нова листа на докази поради спојувањето на постапките за „Пулс“ и за агенцијата „Рубикон“.
Сликата е сурово контрастна: во судницата – рочиште што тоне во процесни забелешки, барања за нови рокови и правни финеси; надвор, на студениот ноемвриски воздух – мајка која во секоја чаша кафе гледа можност барем симболично да го задржи присуството на своето дете. Кафето, кое за неа било секојдневен ритуал со син ѝ, сега станува мост кон луѓето што ја следат трагедијата – новинари, сниматели, фоторепортери – кои со часови стојат пред судницата и се обидуваат да ја доловат болката во зборови и кадри.
Токму во таа сцена се гледа целата неправедна тежина на овој процес. Додека адвокатите на обвинетите во судницата бараат одложувања и дополнителни докази, родителите надвор се обидуваат да останат исправени, да не им попуштат колената, да не бидат – како што велат – повторно изманипулирани, како во случаите со модуларната болница во Тетово или автобуската несреќа кај Ласкарци. Таткото на загинатиот Андреј Стојанов пред камерите зборува за „крвави пари“ и прашува со која совест адвокатите ќе ги земаат хонорарите, а само неколку чекори подалеку мајка, која го загубила своето дете, им вели на новинарите: „Напијте се кафе за душа на син ми“.
Судењето за „Пулс“ почна по осум месеци од трагедијата, со 35 обвинети – сопственици и управители, проектанти, инспектори, поранешни министри, директори и сопственици на агенции за обезбедување. Обвинителството денес настапува со тим од 15 обвинители, а судијата Дијана Груевска-Илиевска уште на старт призна дека никој не може да предвиди дали процесот ќе трае пет месеци или пет години. Таа најави дисциплина и санкции за секое неоправдано одлагање, но родителите веќе ја знаат лекцијата: во држава во која големи случаи завршувале со застарување или со благи казни, надежта и сомнежот одат рака под рака.
Во таков контекст, гестот со кафето не е само лична болка преточена во ритуал – тој е и тивка порака до сите што се таму службено: новинари, сниматели, правници, политичари. Порака дека зад секоја бројка во обвинението стои човек со навики, ритуали и радости кои повеќе нема да се повторат. Дека зад „63 жртви“ има 63 утрински кафиња што никогаш нема да се испијат, 63 недовршени училишта, факултети, љубови, 63 семејства кои секој ден мора одново да учат како да живеат со празно место на масата.
Мајката која денес им подели кафе на новинарите не ја бараше нивната жал, ниту сочувство – таа им понуди дел од својот сеќавачки ритуал, како да им кажува: пишувајте, снимајте, прашувајте, но не заборавајте за кого го правите тоа. За да не остане ова судење само уште едно „записнички завршено“ рочиште во низата, туку момент кога институциите навистина ќе проговорат за своите пропусти и за својата одговорност.
Фото: Макфакс.мк

