Во поетската едиција на Книгоиздателството Макавеј од Скопје по повеќе од 25 години од неговата последна поетска книга „Ојдипод“ се појави новата поетска книга на Епископот дремвитски Давид (Нинов) со наслов „Насекаде“.
Новото поетско огласување на епископот Давид (Нинов) сочинето е од корпус од четириесетина песни кои недвосмилено укажуваат дека некогаш препознатата и високо вреднувана поетска дарба на овој автор во македонската литература сега е збогатена со мудроста на годините и со неговата темелна посветеност на истражувањето и толкувањето на духовните и филозофските екстракти што ги излачува обоженото човеково битие.
Задржувајќи се на доблестите и достигнувањата на оваа нова книга на Давид (Нинов) есеистката Јанинка Невчева, меѓу другото, во издавачката препорака кон книгата констатира:
„Очигледно, Епископот дремвитски г. Давид (Нинов), никогаш не престанал да пишува и стиховите од оваа книга ги пишувал насекаде каде што патувал, од Атина и Ерусалим, потоа Света Гора и Синај, преку Лос Анџелес и Чикаго, до, на пример, Сиднеј и јужноафриканскиот Јоханесбург. Таа отвореност насекаде за средба со другиот, со различниот, прави стварноста во стихозбирката „Насекаде“ да биде видена низ призмата на иднината, низ призмата на непоимливото, и, на еден парадоксален начин есхатолошкото да биде оприсутнето сега и овде, а непоимливото истовремено да стане поимливо! Следствено, поетскиот израз на Епископот Давид отстапува од секојдневната, практичната норма и со неговата трансцеденталност станува посложен и подоблесен, како автентична поетика“.
Реализацијата на ова издание на Макавеј е помогнато од министерството за култура на Република С. Македонија.
Книгата може да се купи во е-продавницата на Издавачкото друштво „Макавеј“ -> https://makavej.com.mk/shop/nasekade/Поговорот од Јанинка Невчева може да се најде во целост -> https://makavej.com.mk/blog/nepoimlivo-poimliv/