Наставничка заклетва

Секоја година на 5 октомври им оддаваме признание на оние кои ја имаат најтешката, но и најблагородната професија – наставниците. Денот на наставниците е потсетник на нивната посветеност и на огромната одговорност што ја носат. Зашто, ако лекарите го лекуваат телото, наставниците го лекуваат умот. Ако лекарите спасуваат живот, наставниците создаваат животна насока. И токму затоа, наставниците треба да имаат своја заклетва – исто толку света и обврзувачка како Хипократовата.

Да се биде наставник не значи само да се предава материја, туку да се обликува човек. Да се всади љубопитност, да се разбуди критичко размислување, да се научи почит кон трудот, знаењето и вистината. Наставникот секојдневно стои пред млади умови, кревки, но исполнети со можности. Секоја негова реченица може да поттикне љубов кон учењето – или да ја изгаси. Секој негов потег може да изгради самодоверба – или да ја сруши.

Затоа, оваа професија мора да се третира со особена сериозност и грижа. Наставникот треба да биде избран не само по знаењето, туку и по карактерот, емпатијата и чувството за одговорност. Зашто, токму во училиштето се кова иднината на едно општество.

Во овој контекст, писмото на Абрахам Линколн до учителот на неговиот син останува како еден од најубавите споменици на довербата и почитта кон наставничката професија. Иако напишано пред речиси два века, тоа ја содржи суштината на она што образованието треба да биде – патоказ за доблест и мудрост.

„Научи го, учителе,“ му пишува Линколн, „дека не сите луѓе се праведни и искрени. Но, научи го и дека за секој негрижлив човек има еден херој; дека секој непријател има пријател; дека секоја неправда има своја правда. Научи го да го цени трудот повеќе од наградата, и дека чесно спечалената пара вреди повеќе од украдена златна круна.“

Овие зборови се потсетник дека улогата на наставникот не е само во пренесување знаење, туку во воспитување на совеста. Наставникот е оној што може да создаде човек што ќе мисли, ќе чувствува, ќе постапува со чест.

Во време кога образованието сè повеќе се сведува на бројки, тестови и оценки, вреди да се потсетиме дека вистинскиот успех не е само во тоа колку ќе научиме, туку какви луѓе ќе станеме.

Затоа, на овој Светски ден на наставниците, нека се запомни: да се биде наставник е да се биде чувар на иднината. И можеби е време оваа професија да добие своја заклетва – заклетва дека секој ученик ќе се гледа како светлина, а не како број; како иднина, а не како обврска.

Зашто, како што Линколн порача пред 200 години – образованието не е само знаење, туку карактер.

Зачлени се на нашиот е-билтен