Работниците бараат покачување на платите поради континуираниот раст на трошоците за живот, но од власта постојано повторуваат дека пари во буџетот за оваа година нема. Во септември имаше усогласување на платите на вработените во јавниот сектор според општиот колективен договор, но тоа не значи покачување на платите бидејќи ова усогласување значеше 0,75 проценти од моменталната просечна плата во Македонија која изнесува 41.939 денари. Тоа значи дека работниците добија повисоки плати за 200 до 300 денари.
„Ова покачување е минорно и ќе биде срамно да се дава. Ние прво бараме на било кој начин да се утврди пораст на минималната плата, а истовремено чекаме веднаш да се седне и да се почнат разговори за утврдување на коефициенти согласно општиот колективен договор што треба да почне да се исплаќа од 1 март 2025 година“, рече тогаш претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски.
Барањата и очекувањата на синдикатите и бизнис секторот на првата седница на Економско- социјалниот совет беа дијаметрално спротиставени особено во делот за покачување на минималната плата. Синдикалците не отстапуваа од барањето таа да биде 450 евра, бидејќи како што посочуваат, сегашната не ги задоволува ни основните стандарди за преживување.
Свесни се дека на овој начин се отстапува од се уште важечката методологија, односно законот за минимална плата кој предвидува нејзино усогласување во првиот квартал на секоја наредна календарска година, но овој начин како што велат, не е исплатлив за работниците бидејќи покачувањето на просечната плата и на цените за живот недоволно би ја покачувале минималната плата секоја година за работниците да можат да преживеат.
„Во минатото претходната влада на два пати покрај методологијата додаваше одреден износ за да се задржат работниците во реалниот сектор имајќи предвид дека регионот и поранешните југословенски држави не’ поминаа за двојно , па дури и за тројно. Една Црна Гора одамна имаше 450 евра минимална плата кога кај нас уште беше едвај 300 евра. Ако ја следиме методологијата, дури следниот март 2025 година можеби би имале нешто прибижно до 400 евра минимална плата. Тоа повторно не е доволно покачување. Доколку и оваа влада смета дека треба да се промени одреден закон за да се покачи минималната плата секако дека како дел од социјалниот дијалог ние ќе дозволиме такви брзи имени на закон за исплата на минимална плата доколку има вистинска воља да се зголемат платите“, изјави за „Локално“, Иван Пешевски-претседател на СГИП и потпретседател на ССМ за приватниот сектор.
Од друга страна, аргумените на бизнисмените се во сосема друга насока. Според Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата на работодавачи, барањето за зголемување на минималната плата во актуелните економски услови нема основа.
Владата пак на страната на бизнис заедницата и овојпат со аргументи дека нема доволно пари во Буџетот порача да се почека за покачувањето на минимланата плата бидејќи тоа не било во моментот возможно.
Наставниците и професорите ќе добијат плати повисоки за пет проценти
Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков по средбата со премиерот Христијан Мицкоски, потврди дека и оваа година, поточно од овој месец, ќе има зголемување на платите во основно и средно образование за пет проценти.
-Тоа значи дека од овој месец, односно од октомвриската плата, вработените во основното и средо образование ќе имаат зголемена плата за пет проценти. Задоволството е уште поголемо што се договоривме за континуиран раст на платите во основно и средно образование во период од четири години, каде според нашите заеднички математики, конечно вработените во основно и средно образование, носителите на дејност наставниците и професорите ќе имаат плата во висина од просечна или нешто над просечна плата, рече Неделков.
Како што додаде, ова е голем успех во преговорите, во социјалниот дијалог и партнерство и е доказ дека со заемно почитување и разбирање како социјални партнери, може да се дојде до прифатливи решенија.
Опсегот на платата за лицата кои работат во сферата на образованието, науката и истражувањето вообичаено се движи од 28.759 денари (минимална плата) до 54.477 денари (највисок просек, вистинската максимална плата е повисока).
Ова е вкупната месечна плата во која се вклучени и бонусите. Платите драстично се разликуваат помеѓу различните работни позиции се вели во истражувањето на Моја плата. За наставниците платата се движи меѓу 29.903 и 42.324 денари, додека пак за професор меѓу 29.172 и 63.346 денари
ВМРО-ДПМНЕ бараше зголемување од 20 илјади денари
Кога беше владејачкаа партија во опозиција пред две години со амандман бараше усогласување на платите во јавниот сектор и повисоки плата за наставниците за близу 20 илјади денари.
ВМРО-ДПМНЕ тогаш побара износот на коефициентите и вредноста на бодот на колективните договори на сите нивоа и во сите области да се усогласи со порастот на минималната плата, а основната вредност на најнискиот коефициент и бод се изедначува со износот на минималната плата.
Па така наставници кои имаат коефициент 2.503, и земаат нето плата од 24 782 денари, со нивниот предлог би земале нето плата од 45.054 денари.
Тогаш тие велеа дека во средните училишта, професорите, би требало да земаат 45 594 денари.
Како се пресметува минималната плата
Минималната плата во Северна Македонија се пресметува според методологија која претходната Влада, синдикатите и работодавците ја усогласија во февруари 2022 година. Меѓу критериумите за годишното усогласување на минималната плата се тоа да се прави со 50 проценти од годишниот раст на платата и 50 проценти од растот на трошоците за живот. Како новина тогаш беше вметнат условот минималецот да не биде понизок од 57 проценти од просечната плата во државата што ја објавува Државниот завод за статистика.
Минимална плата од околу 365 евра (22 567 денари) во Северна Македонија земаат околу 25.000 работници.
Меѓутоа, од синдикатите го потенцираа податокот и дека други 10.000 граѓани земаат плата од 1 денар до 22.567 денари, што е најсериозен показател дека платата во плико „се враќа на голема врата“.
Во Црна Гора од овој месец минималната плата ќе изнесува 600 евра за работниците со основно и средно образование и 800 евра за работниците со високо образование, во Србија од јануари 2025 година ќе изнесува 454 евра, во Република Српска е повеќе од 450 евра, а во Бугарија се преговара за 500 евра минимална плата од јануари 2025 година.