НАТО генералот Руте итно патува во Вашингтон поради ненадејното свртување на Трамп кон Путин

По последните изјави на Доналд Трамп, кои се толкуваат како приближување кон ставовите на рускиот претседател Владимир Путин, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, итно заминува во Вашингтон на средба со американскиот претседател.

Патувањето, најавено преку кратко соопштение од НАТО, ќе трае два дена, а се потврдува дека Руте ќе има состанок со Трамп во Белата куќа. Во соопштението не се наведуваат дополнителни детали за причините за посетата.

Руте, кој претходно беше премиер на Холандија, последниве месеци е еден од клучните европски лидери што се обидуваат да го убедат Трамп да даде посилна поддршка на Украина.

Сепак, ситуацијата драстично се смени минатата недела, по телефонски разговор меѓу Трамп и Путин што траел два часа. По тој разговор, Трамп изјави дека двајцата лидери се договориле да се сретнат во Будимпешта за да разговараат за можен крај на војната во Украина.

Само ден подоцна, на состанок со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа, Трамп одбил да му одобри испорака на ракети со долг дострел и на социјалните мрежи објави дека Украина треба да „се откаже од дел од својата територија“ во замена за мир.

Плановите за евентуална нова средба меѓу Трамп и Путин пропаднаа во вторникот, по телефонски разговор меѓу државниот секретар Марко Рубио и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, во кој станало јасно дека Москва не е подготвена да се откаже од своите услови.

Овој ненадеен пресврт на Трамп предизвика вознемиреност кај европските лидери, кои во изминатите месеци го поддржуваа Зеленски и веруваа дека американскиот претседател ќе задржи проукраински став во мировните напори.

Зачлени се на нашиот е-билтен