НАТО ја зголемува поддршката за Украина: нова залиха оружје за зимскиот фронт

Министрите за надворешни работи на НАТО денес се собираат во Брисел со јасна порака до Москва и Киев: војната можеби влезе во нова дипломатска фаза, но воената поддршка за Украина не запира. Алијансата најавува нова голема залиха оружје и муниција, во момент кога руските напади повторно ја удираат украинската енергетска мрежа, а фронтот на истокот е под силен притисок.

Во фокус е механизмот PURL – Prioritized Ukraine Requirements List – преку кој НАТО државите финансираат набавка на американско оружје според список направен врз основа на украинските барања. Генералниот секретар Марк Руте потврди дека од август досега се обезбедени околу четири милијарди евра во оружје, со динамика од една милијарда месечно, и дека целта е до крајот на годината сумата да стигне до пет милијарди евра. Паралелно се разговара ова темпо да продолжи и во 2026 година, со најмалку една милијарда евра месечно за купување оружје од американските резерви.

Насловите за „замор“ во поддршката за Киев ги демантираат новите поединечни пакети. Холандија најави дополнителни 250 милиони евра за муниција за Ф-16, ракети за воздушна одбрана и беспилотни системи токму преку PURL, со образложение дека Украина мора да ја преживее зимската руска ракетна кампања и да ја зачува својата воздушна одбрана.

Италија подготвува нов декрет за продолжување на дозволата за воена помош, а Германија најавува дополнително финансирање на американско оружје, додека Шпанија веќе одвои пакет од една милијарда евра за украинската армија.

Од украинска страна, очекувањата се уште повисоки. Амбасадорката на Украина при НАТО, Алона Хетманчук, од Брисел порача дека мирот не смее да биде алиби за намалување на поддршката. Според неа, во програмата PURL веќе се собрани околу четири милијарди долари, со план до крајот на годинава да достигнат пет, а за 2026 година целта е меѓу дванаесет и шеснаесет милијарди долари во оружје и муниција. Во PURL моментално учествуваат 18 држави, а по оваа рунда состаноци се очекува бројот на донатори да порасне.

НАТО паралелно работи и со одбранбените компании за да го забрза производството и замената на сопствените резерви, за сојузниците да може да испорачуваат оружје без да ја загрозат сопствената безбедност. На списокот се ракети за воздушна одбрана, артилериски гранати, дронови, тенкови и средства за електронска борба – сè што Украина бара за да го држи фронтот и да ја одбрани критичната инфраструктура од нов бран руски удари.

Зачлени се на нашиот е-билтен