НАТО: Македонија над прагот од 2 отсто од БДП за одбрана

Северна Македонија е меѓу земјите членки што во 2025 година го достигнале прагот од 2 отсто од БДП за одбрана, покажуваат најновите податоци на НАТО. Во годишниот извештај на Алијансата, презентиран на 26 март, се наведува дека за првпат сите сојузници пријавиле трошоци за одбрана на или над 2 отсто од БДП, а во посебните табели за одбранбени расходи за Северна Македонија се наведени 20,451 милијарди денари, односно 358 милиони долари за 2025 година.

Во официјалните НАТО-табели, македонските расходи за одбрана за 2025 година се водат како 2,00 отсто од БДП, пресметани врз основа на цени од 2021 година. Во истите податоци, проценката за 2024 година е 1,89 отсто, што значи дека земјата е прикажана како држава што го поминала прагот токму со последната проценка за 2025 година.

Во регионалната НАТО-слика, Северна Македонија не е меѓу земјите со највисок удел, туку е околу самата граница од 2 отсто. Според истите официјални проценки за 2025 година, Албанија е на 2,01 отсто, Бугарија на 2,06, Хрватска на 2,03, Словенија на 2,02, а Црна Гора на 2,03 отсто од БДП за одбрана.

Паралелно со ова, Министерството за одбрана веќе најави дека буџетот за 2026 година ќе изнесува 358 милиони евра, што е за 27,7 милиони евра повеќе од претходната година, а најголемиот дел треба да оди за модернизација на Армијата. Во НАТО-табелите за 2025 година, Северна Македонија е евидентирана и со 32,36 отсто од одбранбениот буџет наменети за опрема и модернизација, над алијансискиот минимум од 20 отсто.

Зачлени се на нашиот е-билтен