Ескалацијата во североисточното небо на Европа доби нова тежина откако чешкиот претседател Петр Павел предупреди дека нарушувањето на воздушниот простор на земјите-членки на НАТО од руски воени авиони може да добие воен одговор, вклучително и соборување. „НАТО мора соодветно да одговори… попуштањето не е опција,“ рече Павел, објаснувајќи дека нарушување на воздушниот простор е легитимен повод за активирање на одбранбени механизми. Неговата изјава доаѓа по инцидентот кога три руски Миг-31 влегоа во естонското небо и останаа таму околу 12 минути, по што беа испратени НАТО пресретнувачи; Естонија побара консултации по член 4 од Северноатлантскиот договор.
Паралелно, германските воздухопловни сили денеска кренаа два „Еурофајтер“ над Балтичко Море поради руски Ил-20М без поднесен план за лет и без радио-контакт, што повторно ја потврди високата фреквенција на аларми во зоната. Во Берлин се заостри и политичката реторика: пратеникот Јирген Харт побара да се разгледа опцијата за соборување на секој руски авион што би го нарушил воздушниот простор на НАТО, со образложение дека на Кремљ му треба „јасен знак стоп“. По серијата упади, на барање на Естонија е најавен и вонреден состанок, а како претходница се посочуваат и случаите кога руски беспилотни летала навлегоа во Полска, од кои дел беа соборени со поддршка на сојузничка авијација.
Комбинацијата од оперативни пресретнувања и заострени политички сигнали укажува дека НАТО ја крева цената на ризикот за секое идно прекршување, додека Москва – барем засега – не покажува намера да се откаже од провокативни летови по рабовите на воздушниот простор на НАТО. Во ваква конфигурација, секое следно „тестирање“ на границите ја носи Европа поблиску до сценарија каде што руските егизибиции и тестирање на нерви и минутите во контролните кули ќе ја прават разликата меѓу демонстративен лет и инцидент со тешки последици.