НАТО одби да учествува во блокадата на Ормускиот теснец

НАТО

Клучни членки на НАТО одбија да се приклучат на американската поморска блокада на Ормускиот теснец, што дополнително ги продлабочува разликите во рамки на Алијансата.

Одлуката доаѓа по најавата на САД за блокада на клучната морска рута, додека европските земји предупредуваат на ризик од ескалација на конфликтот на Блискиот Исток.

Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека Лондон нема да учествува во блокадата.

„Не ја поддржуваме блокадата. Нашата позиција е јасна – без оглед на притисоците, нема да бидеме вовлечени во војна“, изјави Стармер за Би-Би-Си.

Сличен став зазедоа и Германија, Шпанија, Италија, Полска и Грција, кои одбија да испратат свои воени бродови во регионот.

Францускиот претседател Емануел Макрон најави дека Франција, заедно со Обединетото Кралство и други партнери, ќе иницира план за повторно воспоставување безбедна пловидба во регионот.

Според него, се работи за „строго одбранбена мисија“, која би била одвоена од директното учество во конфликтот и би се активирала кога ќе дозволат безбедносните услови.

Одлуката на дел од НАТО-сојузниците доаѓа по неуспешните преговори меѓу САД и Иран, кои не донесоа договор за деескалација.

По тоа, американскиот претседател Доналд Трамп нареди поморска блокада на иранските пристаништа и најави дека американската морнарица ќе го запре целиот сообраќај поврзан со Иран.

Европските држави изразуваат загриженост дека директно учество во блокадата би можело дополнително да го ескалира конфликтот и да ја загрози глобалната енергетска стабилност, имајќи предвид дека низ Ормускиот теснец минува околу една петтина од светската нафта.

Зачлени се на нашиот е-билтен