Новото истражување на универзитетот Англија Раскин во Кембриџ, открива дека мозокот може да ги „отклучи“ заборавените спомени ако личноста ја прикажеме во неговата помлада или детска форма.
Промената на начинот на кој го доживуваме сопственото тело може привремено да ги разбуди сликите, емоциите и мирисите од раното детство.
Истражувачите од Универзитетот Англија Раскин во Кембриџ дојдоа до фасцинантно откритие – ако привремено го промениме начинот на кој го перцепираме сопственото тело, можно е да се потсетиме на одамна заборавените спомени од раното детство.
Кога лицето на екранот се гледа себеси во „помлада верзија“, мозокот почнува да реагира како тоа тело навистина да припаѓа на таа возраст, што отклучува подлабоки слоеви на меморијата.
Како научниците дојдоа до откритието?
Во студијата објавена во списанието Scientific Reports уествуваа педесет возрасни лица.Секој учесник гледаше видео од своето лице во кое беше дигитално „подмладено“. Движењата на главата и изразите на лицето беа синхронизирани со сликата, создавајќи убедлива илузија дека се гледаат себеси како дете. Од друга страна, контролната група го гледала своето сегашно, возрасно лице.
По таквото искуство, учесниците разговарале за сеќавања од настани во нивното рано детство.
Учеснциите што ја виделе помлада верзија од себе можеле да се сетат на повеќе детали и настаните да ги опишат поживописно и емоционално од контролната група.
Ова сугерира дека начинот на кој го перцепираме сопственото тело не е само секундарен фактор, туку важен дел од процесот на меморија.
Сеќавањето не е само во главата, туку и во телото
Ова истражување се базира на концептот на „отелотворена когниција“ – идејата дека нашите мисли, емоции и сеќавања се неразделно поврзани со телото преку кое ги доживуваме. Кога мозокот го препознава телото како помладо, тој активира невронски мрежи и сензорни обрасци карактеристични за тој период од животот.
Со други зборови, враќањето во „детското тело“ буди не само слики од минатото, туку и емоции, мириси, звуци и физички сензации што биле дел од тие сеќавања.
Тоа покажува дека меморијата не е само ментална архива, туку и жива мрежа од телесни и емоционални траги.
Можности за идна терапија на меморијата
Иако ефектите од овој феномен засега се привремени, научниците веруваат дека во иднина слични техники би можеле да се применат во психотерапијата и рехабилитацијата на меморијата, со помош на виртуелна реалност или дигитални аватари.
На пример, лицата кои страдаат од трауматска амнезија или од рани фази на деменција, преку контролирано „потопување“ во помлада верзија од себе, би можеле да успеат да ги вратат изгубените делови од нивната лична историја, не само како слики, туку како оживеано искуство кое станува дел од нивниот идентитет.
Што велат авторите на истражувањето?
Водечкиот автор на студијата, (докторант на ARU, сега истражувач на Универзитетот во Северна Дакота), д-р Уткарш Гупта, објаснува дека сеќавањата се всушност поврзани со физичките сигнали на телото.
„Трагите од телото се исто така важни за мозокот. Кога ги оживуваме, можеме да ги повикаме и сеќавањата кои биле длабоко потиснати“, вели тој.
Директорка на Лабораторијата за истражување на телото и свеста при ARU, професорката Џејн Аспел, додава дека нашето чувство за идентитет во детството било значително различно и дека „враќањето“ кон тоа телесно искуство може да ни помогне повторно да пристапиме до раните сеќавања.
Нова ера на разбирање на меморијата
Откритието отвора можност за развој на идни терапии кои би можеле да им помогнат на луѓето со нарушувања на меморијата, од амнезија до деменција. Во иднина, патот до заборавените моменти може да води не само низ мозокот, туку и низ телото кое ги доживеало некогаш.

