Контроверзниот проект, чија цел е да се создадат градежните блокови на човечкиот живот во лабораторија, започна со работа. И покрај ветувањето за неверојатен напредок во биологијата и медицината, многумина стравуваат дека проектот би можел да доведе до „дизајнерски бебиња“ или непредвидени промени што би влијаеле на идните генерации.
Најголемата медицинска добротворна организација во светот, Wellcome Trust, даде почетна донација од 10 милиони фунти за да го започне проектот и вели дека има потенцијал да направи повеќе добро отколку штета, забрзувајќи го развојот на терапии за многу неизлечиви болести.
Д-р Џулијан Сејл од Лабораторијата за молекуларна биологија на Советот за медицински истражувања во Кембриџ, кој е вклучен во проектот, изјави за Би-Би-Си дека ова е „следниот гигантски чекор во биологијата“.
„Небото е граница. Зборуваме за терапии што ќе го подобрат животот на луѓето како што стареат, овозможувајќи поздраво стареење со помалку болести. „Нашата намера е да го користиме овој пристап за да создадеме клетки отпорни на болести што можеме да ги користиме за регенерирање на оштетените органи – на пример, црниот дроб, срцето, па дури и имунолошкиот систем“, рече Сејл.
Но, критичарите стравуваат дека истражувањето им отвора врата на неетички научници кои би можеле да се обидат да создадат „подобрени“ или модифицирани луѓе.
Човечки баркод
Би-Би-Си доби детали за проектот за да ја одбележи 25-годишнината од завршувањето на Проектот за човечки геном, кој беше првиот што мапираше молекули во човечката ДНК и исто така беше во голема мера финансиран од Wellcome Trust.
Секоја клетка во нашето тело содржи молекула на ДНК, која ги носи генетските информации потребни за нејзино функционирање.
ДНК е составена од само четири помали градежни блокови – A, G, C и T – повторени во различни комбинации. Неверојатно е што овие елементи ги содржат сите генетски информации што нè прават физички тоа што сме.
„Проектот за човечки геном“ им овозможи на научниците да ги читаат сите човечки гени како баркод. Новиот проект, наречен „Синтетички човечки геном“ претставува огромен чекор напред – ќе им овозможи на истражувачите не само да читаат ДНК, туку и да ја градат – можеби еден ден целосно – молекула по молекула, од нула.

Создавање хромозоми
Првата цел на научниците е да развијат методи за создавање сè поголеми парчиња човечка ДНК, сè додека не можат синтетички да конструираат цел хромозом. Хромозомите содржат гени кои го регулираат развојот, поправката и одржувањето на организмот.
Потоа тие ќе се користат за истражување и експерименти за подобро да се разбере како гените и ДНК го регулираат функционирањето на нашите тела.
Многу болести се јавуваат кога овие гени престануваат да функционираат правилно, па студиите би можеле да доведат до подобри терапии, вели проф. Метју Харлс, директор на Институтот Велком Сангер, кој го секвенционирал поголемиот дел од човечкиот геном.
„Со градење ДНК од нула можеме да испитаме како ДНК навистина функционира и да тестираме нови теории, бидејќи во моментов можеме да го направиме ова само со правење промени во постоечката ДНК во живите системи“.
Работата на проектот ќе биде ограничена на лабораториски услови – во епрувети и контејнери – и нема да има обид за создавање синтетички живот. Сепак, технологијата ќе им даде на истражувачите невидена контрола врз човечки биолошки системи.

Страв од злоупотреба
И иако фокусот на проектот е на медицинските придобивки, ништо не ги спречува неетичките научници да ја злоупотребуваат оваа технологија.
Тие би можеле, на пример, да се обидат да создадат биолошко оружје, подобрени луѓе или дури и суштества што содржат човечка ДНК, предупредува проф. Бил Ерншо, истакнат генетичар од Универзитетот во Единбург, кој смисли метод за создавање вештачки хромозоми.
„Џинот е веќе надвор од шишето. Сега можеме да поставиме ограничувања, но ако некоја организација што има пристап до соодветна опрема сака да синтетизира нешто – не мислам дека би можеле да ги спречиме“, изјави тој за Би-Би-Си.
Докторката Пет Томас истакнува дека е загрижена за тоа како компаниите за здравствена заштита би можеле да ја комерцијализираат технологијата што произлегува од истражувањето.
„Ако успееме да создадеме синтетички делови од телото или дури и синтетички луѓе, кој ќе ги поседува? И кој ќе ги поседува податоците за тие креации?“, наведува Томас.