Навални и „отров од жаба“: Кремљ ги отфрла обвинувањата

Michał Siergiejevicz, CC BY 2.0 , via Wikimedia Commons

Кремљ ги отфрли тврдењата на пет европски земји дека рускиот опозициски лидер Алексеј Навални бил убиен во 2024 година во руски затвор со токсин од „отровна жаба“. Реакцијата доаѓа откако Германија, Обединетото Кралство, Франција, Шведска и Холандија објавија заедничка изјава во која наведоа дека е пронајден епибатидин и дека руската држава ја сносела одговорноста за смртта.

Портпаролката на руското МНР Марија Захарова за ТАСС оцени дека станува збор за „дезинформациска кампања“, наведувајќи дека коментари ќе има кога ќе се објават резултати и „формули“ на супстанците. Во сличен тон настапи и руската амбасада во Лондон, која го квалификуваше случајот како политичка кампања, а не потрага по правда.

Од другата страна, западните влади ја врзуваат темата со поширок образец на случаи што ги сметаат за државно организирани операции – во кои, како референца, често се спомнува и труењето на Сергеј Скрипал во 2018 година. За Владимир Путин, Навални останува најсимболичното име на внатрешниот отпор, па секое ново тврдење за причините за смртта има двоен живот: правен (докази, токсикологија, траги) и политички (пораки, санкции, меѓународна изолација).

Зачлени се на нашиот е-билтен