Ова не е текст против Бугарите. Ова е текст против лицемерието на македонските „патриоти“ што дома глумат чувари на нацијата, а кога ќе се изгасат камерите, политиката ја мерат со лична удобност. Да бидеме јасни, после Жељу Желев, кој храбро во 90-тите застана во одбрана на македонскиот идентитет, и беше еден од првите која ја признаа непобитноста на современата Македонска држава, се после него беше политички „шљам“, кој типично балкански во неспособоста слично како и грчкиот премиер Самарас во недостаток од идеи како да остане на власт, се занимаваше со нас па ни стави ембарго. А ние плаќавме со две „чрвени“ на сите Бугари на кои им се отвори границата по железната завеса, за да заработат за леб, иако немаве ни ние. Оти ние сме такви Македонците, кротки, тивки, мирни, желни да сме дел од континентот, наместо надвор од него.
Леон БАКРАЧЕСКИ
Премиерот Христијан Мицкоски повторно ја извади најскапата реченица во македонската политика: „нема повеќе идентитетски отстапки, колкава и да е цената“. Кажано на прес-конференција со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, звучи државнички, тврдо, речиси историски. Убаво стои на телевизија. Добро легнува во партиски статус. Се лепи на патриотска публика како старо знаме на нов митинг.
Само што Македонија веќе премногу пати ја платила цената на големи зборови кажани од луѓе што секогаш имаат резервен излез.
Не, премиере, цената нема да биде пониска ако повторно ја продадете блокадата како храброст. Цената ќе биде пониска ако власта конечно престане да го користи македонскиот идентитет како штит за политичка немоќ, а европскиот пат како сцена за домашна пропаганда.
Цената ќе биде пониска ако сите тие што секој ден се удираат во гради дека се последниот бедем на македонштината, прво покажат дека нивната лојалност не е поделена меѓу македонска функција, бугарски пасош, европска сметка и партиска удобност.
Тука не е проблемот дали некој човек некогаш зел бугарски пасош за работа, за бизнис, за патување или за преживување во Европа. Илјадници македонски граѓани го направиле тоа затоа што Македонија со децении не успеа да им даде држава што функционира. Проблемот е кога тие што приватно барале втор излез, јавно ни продаваат прва линија на одбрана. Проблемот е кога пасошот е лична корист, а идентитетот партиска поза.
Мицкоски вели дека Македонија не смее да прави идентитетски отстапки. Во ред. Но тогаш нека почне од својот двор. Ако државниот интерес е толку свет, зошто власта не прифати правилото за едно државјанство да важи и за министрите, а не само за пратениците?
Зошто државната лојалност одеднаш станува принцип само кога се однесува на Собранието, но не и кога треба да се примени врз Владата, директорите, безбедносните позиции и луѓето што управуваат со буџети, енергетика, инфраструктура и институции?
Владејачкото мнозинство не го поддржа предлогот министрите да имаат само македонско државјанство, и токму тука почнува вистинската приказна.
Значи, за пратениците може. За министрите не мора. За јавноста патриотизам. За власта исклучок.
Тоа не е национална стратегија. Тоа е политичка акробатика!
Целата дебата за двојните државјанства во ВМРО-ДПМНЕ не падна од небо. Во јавноста со години кружат објави, списоци, деманти и контрадеманти. Дел од функционерите категорично демантираа дека имаат бугарско државјанство.
Некои случаи останаа во зоната на политичко обвинување. Но случајот со министерката Сања Божиновска стана најсилно документиран пример за тоа како оваа тема не може да се затвори со партиска нервоза и со напад врз новинарите. Таа тврдеше дека нема важечки бугарски документи, но истовремено беше објавено дека имала бугарски пасош и дека побарала отпуст од бугарско државјанство.
И сега, што правиме со тоа?
Ќе му веруваме на премиерот дека ќе ја брани Македонија од „идентитетски отстапки“, додека неговата власт не сака целосна институционална проверка на двојните државјанства кај највисоките функционери? Ќе прифатиме дека Бугарите во Уставот се историска закана, но бугарските пасоши во власта се приватна работа? Ќе глумиме дека проблемот е во пет збора во Преамбулата, а не во петнаесет години политичка кукавичлак, корупција, блокади, митови и лажни херојства?
Македонија не е загрозена затоа што неколку илјади Бугари треба да бидат наведени во Уставот. Македонија е загрозена затоа што политичките елити ја претворија државата во вечна чекалница. Еднаш Грција. Потоа Бугарија. Потоа гаранции. Потоа одложено дејство. Потоа нови услови. Потоа „немаме партнер за танго“. Потоа „колкава и да е цената“. Секогаш има нова реченица со која се објаснува зошто земјата не се движи.
А додека Македонија не се движи, Албанија оди напред. Додека ние расправаме дали ќе исчезнеме ако некој друг биде спомнат во Уставот, другите отвораат и затвораат кластери. Додека Мицкоски зборува за историска неправда, историјата повторно нè заобиколува.
Најголемата измама во оваа политика е што на граѓаните им се продава достоинство, а им се испорачува застој. Им се вели дека цената на отпорот е висока, но чесна. А никој не им кажува дека цената ја плаќаат тие, не премиерот. Ја плаќаат младите што заминуваат. Ја плаќаат студентите што не гледаат европска перспектива. Ја плаќаат бизнисите што работат во земја со политички ризик. Ја плаќаат граѓаните што веќе не веруваат дека Македонија има план подолг од следната прес-конференција.
Премиере, цената ќе биде пониска кога ќе престанете да ја мерите Македонија со партиска корист. Ќе биде пониска кога ќе кажете јасно: кој во власта има друго државјанство, кој имал, кога се откажал, со каков документ и дали тоа е компатибилно со функцијата што ја врши. На крајот на денот, чуму ви е тоа? Па вие работите за Македонија, ние ве плаќаме…
Ќе биде пониска кога правилата ќе важат за сите – за пратеници, министри, директори, амбасадори, судии, обвинители и безбедносни функционери.
Зошто ако двојното државјанство е ризик за пратеник, како не е ризик за министер? Ако е проблем за оној што гласа закон, како не е проблем за оној што потпишува договор, управува со сектор или има пристап до доверливи информации? Ако е прашање на лојалност, тогаш лојалноста не може да биде селективна.
Тука паѓа целата морална конструкција на ДПМНЕ. Не на Бугарија. Не на Брисел. Не на претходната влада. Туку на сопствената двојност.
Една Македонија за говори, друга Македонија за документи. Еден идентитет за народот, друг комфор за функционерите. Едно државјанство како симбол кога треба да се нападне политичкиот противник, но повеќе толкувања кога треба да се погледне сопствениот кабинет.
Затоа, не премиере, проблемот не е дека Македонија треба да плати „колкава и да е цената“ за да остане достоинствена. Проблемот е што Македонија веќе плаќа прескапо за вашата политичка поза. Плаќа со време. Со доверба. Со европска иднина. Со генерации што заминуваат. Со уште една година во која државата е заложник на луѓе што од патриотизмот направија професија.
А вистинскиот патриотизам не е да го блокираш народот во име на народот. Не е да викаш „Македонија“ од говорница, а да бегаш од транспарентност кога ќе се спомнат бугарски пасоши. Не е да ја претвораш ЕУ во непријател за домашна употреба, додека твоите луѓе одамна си обезбедиле европска резервна карта.
Вистинскиот патриотизам е да ја направиш Македонија држава од која луѓето нема да бараат втор пасош.
Сè друго е евтина претстава со скапа цена.
Со длабока почит, оти знам дека читате, и со среќа оти решивте по долго време догодина во „столицата“ да одиме, оти нели Евровизија беше скап настан, ќе купувавме наместо тоа амбулантни возила… ЈБГ Бангаранга.
О боже…

