Британската телевизија Great Britain News (GBN) ја фрли уште една искра во домашната дебата за мигрантските договори на Владата. Во емисија посветена на планот на Лондон за „повратни центри“ надвор од Обединетото Кралство, лабуристичкиот пратеник Бери Гардинер јавно зборува за Северна Македонија како дестинација каде британските власти би ги „стационирале“ луѓето кои немаат право да останат во Британија. „Ќе бидат стационирани во Северна Македонија, таму ќе можат да работат, таму има потреба од работна сила и да си го изградат животот таму. Тоа не е скапо за нас, поскапо е да ги оставиме овде“, пренесува GBN дел од изјавата на Гардинер.
Во соопштение, СДСМ го објави ова видео кое „го потврдува договорот за мигранти во Македонија“ и дека снимката е уште еден „потоп за сите лаги од кујните на ВМРО-ДПМНЕ“. Социјалдемократите бараат јасен одговор од премиерот Христијан Мицкоски: дали ќе ја поддржи предложената Резолуција против мигранти, да или не. „До кога Мицкоски ќе бега од одговор за Резолуцијата против мигранти? Нека каже дали ќе ја поддржи, да или не“, порачува партијата.
Снимката од GBN доаѓа по серија написи во британски медиуми – „Тајмс“, „Сан“ и други – кои објавија дека Обединетото Кралство е во формални разговори со Северна Македонија за т.н. „return hub“, центар за враќање мигранти чиј азил е одбиен во Британија. Според тие текстови, планот предвидува Лондон да плаќа надомест за секој прифатен мигрант, дополнително да инвестира во економијата и безбедноста на Македонија и да обезбеди законска рамка во согласност со човековите права, со цел да се избегнат правните проблеми што го урнаа проектот Руанда.