Недостигот на ураниум ја загрозува нуклеарната ренесанса?

Помеѓу 2030 и 2040 година, се очекува производството во денешните рудници да се преполови, што е закана за создавање „голем јаз“ во оживувањето на нуклеарната енергија.

Недостигот на ураниум ја загрозува нуклеарната ренесанса и затоа потребата од нови примарни извори на снабдување со ураниум станува уште поитна бидејќи постојните рудници ќе бидат исцрпени.

Оживувањето на нуклеарната енергетска индустрија се заканува да доведе до недостиг на ураниум, а здружението на лидери во индустријата ги повикува производителите да ги засилат напорите за наоѓање нови извори бидејќи постојното производство се намалува.

Според извештајот на Светската нуклеарна асоцијација објавена денеска, се очекува глобалната побарувачка за ураниум што се користи во реакторите да се зголеми за една третина, на 86.000 тони до 2030 година и 150.000 тони до 2040 година.

Се очекува помеѓу 2030 и 2040 година, производството од денешните рудници да се преполови, бидејќи постојните наоѓалишта се исцрпуваат, заканувајќи се да создаде „голем јаз“ што го загрозува оживувањето на нуклеарната енергија.

Извештајот ја повикува индустријата да обезбеди инвестиции за пронаоѓање нови наоѓалишта на ураниум и негова експлоатација од постојните, како и од новите и неактивните рудници, со цел да се избегне проблемот со снабдувањето.

„Бидејќи постојните рудници ќе се соочат со исцрпување на ресурсите во следната деценија, потребата од нови примарни извори на снабдување со ураниум станува уште поитна“, предупредува извештајот:

„Ќе бидат потребни обемни истражувања, иновативни техники на рударство, ефикасни дозволи и навремени инвестиции“.

Долг процес

Отворањето на нови рудници за ураниум е сложен и долгорочен процес. Може да потрае 10-20 години од откривањето на ураниум до почетокот на производството во рудникот.

Нуклеарната енергија доживеа пораст на интересот, бидејќи властите се обидуваат да обезбедат повеќе домашни извори на енергија. Енергетската криза што следеше по избувнувањето на војната во Украина и губењето на руската нафта и гас беше силен двигател за некои европски земји.

Водечките технолошки компании, исто така, ја разгледуваат нуклеарната енергија како начин за напојување на огромните центри за податоци потребни за енергетски интензивни технологии за вештачка интелигенција, при што изворот на енергија од некои се смета за почиста алтернатива на согорувањето на фосилни горива.

Нуклеарна централа

Сепак, бидејќи големите производители, вклучувајќи ги Казатомпром и Камеко, објавија намалување на производството на ураниум во последните недели, аналитичарите на Беренберг банка предупредија на „значајни“ ризици за снабдување, што би можело значително да ги зголеми цените.

Претставниците на индустријата собрани на годишниот симпозиум на Светската нуклеарна асоцијација оваа недела рекоа дека решавањето на претстојниот недостиг на снабдување нема да биде лесно.

Марк Чалмерс, главен извршен директор на американската компанија за ураниум „Енерџи фуелс“, рече дека очекува „повеќе компании да ги намалат своите прогнози за заработка“, делумно бидејќи старите рудници стануваат помалку продуктивни.

„Целиот екосистем мора да биде во рамнотежа, но не е. Хоризонтот е покриен со облаци“, рече тој.

Во извештајот се вели дека до 2040 година, нуклеарниот капацитет речиси ќе се удвои на 746 гигавати електрична енергија на глобално ниво, а голем дел од зголемувањето ќе доаѓа од новите реактори во Кина и Индија.

Сепак, отворањето нови рудници за ураниум за да се задоволи растечката побарувачка е сложен и долг процес. Може да потрае 10-20 години од откривањето на ураниум до почетокот на производството во рудникот.

Извештајот, исто така, ја повикува индустријата да инвестира во сложените процеси на конверзија и збогатување што го претвораат ураниумот во гориво за реактори.

Русија е главен извор на збогатување на ураниум, концентриран пазар што е проблем од почетокот на војната во Украина.

Жак Пејтие, виш извршен потпретседател на францускиот производител на ураниум Орано, рече дека Западот би можел да ја прекине својата зависност од руското збогатување до „почетокот на триесеттите години од овој век“.

Додека Орано ги проширува своите капацитети за збогатување, „поголемиот дел“ од новиот капацитет што ќе биде пуштен во употреба во 2028 година веќе е доделен на клиентите, рече тој.

Зачлени се на нашиот е-билтен