Општина Аеродром ќе го отстрани забавниот парк „Зимзоленд“, откако беше утврдено дека лунапаркот речиси две недели работел без никакви дозволи и неопходна документација. Инспекцискиот надзор беше спроведен по објавата на „Телма“, а општината ги потврди информациите дека организаторите немале ниту еден валиден документ за работа.
Инспектори од четири институции — Градежната инспекција на Општина Аеродром, Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд и Дирекцијата за заштита и спасување — вчера извршија увид во забавниот парк.
Од Државниот пазарен инспекторат соопштија дека затекнале лица кои вршеле нерегистрирана дејност. Тие ќе се соочат со казни, а сопствениците на лунапаркот се повикани да достават целосна документација, вклучително и податоци за тоа кој управувал со „Зимзоленд“.
Сериозни неправилности имало и во делот на санитарните услови. Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) при вонреден надзор утврдила дека организаторот не е регистриран како оператор со храна и дека воопшто не ја известил Агенцијата дека во паркот ќе се продава храна.
„Поради неисполнување на основни хигиенски услови за поставување на штандови на кои ќе се произведува и ќе се врши промет со храна, АХВ изрече мерки на секој штанд, но и на правното лице-организатор на манифестацијата ‘Зимзоленд’. Нему, покрај парична казна од 500 евра, му е изречена и времена забрана за вршење дејност производство и промет со храна,“ соопштија од Агенцијата.
Во меѓувреме, Министерството за внатрешни работи интервенирало и во дел од сообраќајниот метеж околу локацијата, по бројни реакции од жителите на блиските згради кои со денови се жалеа на бучава и хаос — проблеми кои, како што се покажа, ги создавал диво поставениот лунапарк. објави Скопје1.мк