Анализа на (не)културата во Македонија

Колку чини игнорантноста кон културата? Скапо, многу скапо!

До крајот на 2025 година, анализата на културната сцена во Македонија покажува низок степен на реализирани ветувања, институционална негрижа и апсурдни бирократски процедури. Од неодамнешните случаи на нерешени проекти, празни ветувања и затворени институции, се црта слика на култура која е оставена на маргините на јавниот интерес.

750 милиони денари за културата – од ветување до тишина

Најавата за нови и дополнителни 750 милиони денари годишни вложувања преку еден денар од акцизата на дизел горивата требаше да претставува системска мерка за зајакнување на културниот сектор. Според најавите, во периодот од 2025 до 2028 година требаше да се обезбедат 3 милијарди денари за капитални инвестиции и програмски активности.

Сепак, со години на хроничен недостаток на средства за културните институции и проектите на независната сцена кои преживуваат од проект до проект, ова ветување остана формално. Министерството за култура молчи, а јавноста е оставена без конкретен одговор кога и како овие средства ќе бидат искористени.

Закон за македонскиот јазик – го има, ама исто како да го нема

Донесувањето на Законот за употреба на македонскиот јазик требаше да биде симбол на институционална грижа и почит кон јазикот како темел на идентитетот. Сепак, две години по неговото носење и девет месеци по формирањето на Инспекторатот за јазик, нема видливи активности, вработени инспектори или јасна стратегија. Советот за македонски јазик е невидлив за јавноста, а најавите за системска заштита останаа декларативни.

Прилепскиот театар – проект без реализација

Проектот за изградба на нов театар во Прилеп е уште еден пример на нефункционална институционалност. И покрај постоење на финансиски средства и детални проекти, седум години се „тапка во место“. Затворен поради небезбедни услови, „Војдан Чернодрински“ останува без сцена, а Општина Прилеп не го менува Деталниот урбанистички план за да се овозможи изградбата. ТАВ-средствата чекаат, ама не вечно, а Министерството за култура повторно не дава одговор.

Националниот џез-оркестар – без дом две и пол години

Проектот за простории на Националниот џез-оркестар, чија вредност изнесува 12 милиони денари, е класичен пример на лошо планирање и нефункционалност. Иако формално им се доделени простори уште во 2024 година, оркестарот сè уште не добил „клуч на рака“. Јавната набавка за внатрешно уредување беше поништена поради недоволен број понуди, а Министерството не обезбедува јасни информации за завршеноста на проектот или дополнителни средства.

Државните награди – апсурд и бирократија

Немање на доделување на наградите „Мито Хаџивасилев Јасмин“ и „Мето Јовановски“ ја илустрира бирократската апсурдност. Комисиите биле непотполни или не ги исполнувале етничките квоти, постапката била запрена, а апликантите се соочиле со трошоци без резултат. Министерството и Собранието формално го оправдуваат застојот, но ефектот е јасен: оваа година нема да се доделат награди, а културните актери остануваат без признание.

До 31 декември 2025 година ги анализиравме овие случаи на (не)културата во Македонија. Во 2026 продолжуваме – продолжуваме да бараме одговори, да ги истакнуваме слабостите и можеби да влијаеме за подобрување на институционалната грижа за културниот сектор.

Зачлени се на нашиот е-билтен