Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, потврди дека новите конкурси за вработување во јавната администрација ќе се засноваат единствено на стручност и знаење, откако Уставниот суд го укина „балансерот“ – алатка за етничка застапеност. Ова ќе важи додека не се подготви нов закон за правична застапеност.
Од Агенцијата за администрација информираат дека надградбата на софтверот за конкурси е во завршна фаза, и до декември се очекува огласите да бидат објавени без графа за етничка припадност. Софтверот го надградува истиот економски оператор, кој поради авторските права има обврска да го заврши процесот побрзо, особено поради јавниот интерес.
Минчев објасни дека огласите започнати пред укинувањето на „балансерот“ ќе продолжат според претходниот модел, додека новите конкурси ќе се водат исклучиво по критериуми на стручност.
– Огласите ќе продолжат базирани на знаење и без непотребно брзање со нов закон. Главно е да се осигураме дека новото решение нема да дозволи злоупотреби, бидејќи правична застапеност нема смисла ако примениот кадар не може квалитетно да ги извршува задачите,“ изјави Минчев.
Минчев најави дека експертска работна група веќе работи на новиот закон за правична застапеност, кој ќе биде доставен до Венецијанската комисија за мислење пред финалното решение.
Министерот најави формирање Академија за доедукација и обука на јавната администрација, преку која административците со недоволен квалитет ќе бидат дополнително обучени и прераспределени на соодветни работни позиции, наместо да се отпуштаат.
– Претпочитам некомпетентните службеници да се доедуцираат и да се прераспределат на задачи каде што нивното знаење и способности ќе бидат соодветно применети, изјави Минчев, додавајќи дека дел од намалувањето на администрацијата може да се постигне преку пензионирање и природен одлив.
Инаку ВМРО-ДПМНЕ најави реформа на јавниот сектор и тоа дека ќе ја зголеми ефикасноста на јавната управа преку намалување на бројот на јавни институции за 10 проценти и реорганизација на министерствата.
Во јавниот сектор активни се вкупно 1.371 институции, вклучително министерствата, во кои активно се вработени 128.879 луѓе, според Регистарот на Министерството за информатичко општество и администрација. Бројката доаѓа до околу 160 илјади со оние кои се вработени со договор на дело.
Намалување на 10 проценти на јавниот сектор, како што ветуваше ВМРО-ДПМНЕ, во пракса треба да значи укинување на 137 институции и околу 16.000 вработени.