Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Нема информации за исходот на средбата на Сиљановска со членовите на Комисијата за помилување

Министерството за правда не помилува, може да даде само препорака за намалување на казна од 1 до 6 месеци, а потоа таа препорака оди кај комисијата на претседателката на државата, појаснува министерот за правда Игор Филков, прашан какво мислење испратиле до комисијата за помилување, по жестоките реакции во јавноста околу последната одлука за помилување осуденици, меѓу кои има и водачи на криминални групи.

Филков вели нивниот член во оваа комисија немал право на глас. Не одговори конкретно дали одлуката ја смета за скандалозна и дали некој треба да понесе одговорност, но е цени дека треба да се направат одредени промени во Комисијата без да прецизира какви.

-Ние имаме еден член таму и да бидеме на чисто тој нема право на глас, не гласа. Институтот помилување е една многу важна работа во државата. Не смееме да дозволиме да биде предмет на политички игри и препукувања. Нас тоа ни се случува. Еднаш веќе осудени лица да ги пратиме на ресоцијализација. Не можеме повторно да ги судиме во јавноста. Не можам јас да побарам поништување на одлуката, има таму членот 11 којшто е многу јасен и кажува кој – што може да прави. Она што јас како министер за правда сметам е дека можеби е време да има одредено освежување во Комисијата, изјави Филков.

Од СДСМ и денеска побараа одговори од ВМРО-ДПМНЕ и претседателката Сиљановска Давкова кој ги нарачал, како штовелат, скандалозните помилувања на нарко босови. Ја повикаа претседателката да не се крие зад Комисијата за помилувања и јавно да соопшти како ја донела одлуката за помилувањата на осуденици од криминални групи.

-Несериозни се изјавите дека не знаеле кого помилуваат, тоа е навреда за граѓаните и потценување на нивната интелигенција. Сиљановска-Давкова има обврска да излезе пред граѓаните и да ги презентира сите информации, документи и мислења, на Комисијата, на Министерството за правда, на сите кои и биле презентирани и да одговори на клучното прашање: Зошто токму овие лица, опасни криминалци беа изборот да се помилуваат?, изјави портпаролката Кузеска.

Откако вчера доцна попладнето Сиљановска Давкова свика итен состанок со членовите на Комисијата за помилување, од Вила Водно и денеска нема информација од исходот на средбата и дали нешто било одлучено.

Инаку, на последната листа помилувани од претседателката беа 10 осуденици меѓу кои и водачот на скопскиот клан Барон, Акиф Равмановски познат како Акиф Јусуфи кој издржуваше казна за поседување нелегално оружје. Тој вчера на излегување од затворот Идризово веднаш беше вратен зад решети поради сомнежи за вмешаност во друго кривично дело, односно пукањето од пред десетина дена во скопски Чаир во кое едно лице, припадник на кланот Грчец, беше тешко рането.

Зачлени се на нашиот е-билтен