Нема повеќе поевтини цигари: Евзони го тргна тутунот од фри-шопот

Патниците што со години застануваа на Евзони „за една кутија плус“ од оваа зима ќе ја прескокнат најпознатата гранична навика. Во фри-шопот на граничниот премин Евзони повеќе не се продаваат цигари и тутун, а одлуката стапила на сила на 31 декември 2025 година, односно практично од стартот на 2026. Како образложение, медиумите пренесуваат дека ценовната разлика речиси се израмнила со онаа во Грција, па продавницата ја изгубила клучната „предност“, додека паралелно се засилуваат регионалните мерки против шверц и нелегална трговија со тутун.

Овој потег не е изолиран инцидент на една каса, туку дел од поширока слика што тлее со години: прашањето за копнените duty free на границите на ЕУ. Европската комисија уште во 2025 јавно предупреди дека Грција продолжува да одржува и да применува повластен акцизен третман за продавници на копнените граници со земји надвор од ЕУ, иако таквите исклучоци, според европските правила, престанале да важат уште во јануари 2017. Во октомври 2025, според грчки медиуми, Комисијата ја упатила Грција и до Судот на ЕУ поради неусогласеност со директивата за акцизите, што ја зголеми политичката и финансиската цена на статус-квото.

Токму затоа, во Грција се појавуваат информации дека од почетокот на 2026 државата оди кон усогласување со европските барања преку укинување на акцизните олеснувања за копнените duty free. Локални грчки извори наведуваат дека последиците веќе се видливи на терен: продавницата на Дојран е затворена, а во големиот објект на Евзони компанијата влегла во реструктурирање и непроолжување договори за дел од работниците. Во таа рамка, исчезнувањето на тутунските производи од полиците на Евзони се чита како првиот најосетлив удар – токму таму каде што најмногу се „мереше“ исплатливоста на застанувањето.

Зачлени се на нашиот е-билтен