„Ненадоместлива загуба“: Загина екипажот на украински борбен хеликоптер

Екипажот на украински борбен хеликоптер Ми-24, составен од пилот и офицер за вооружување, загинал за време на борбена мисија. Тажната вест синоќа ја потврди 12. посебна бригада на копнената војска на Украина, пренесува The Kyiv Independent.

„Ова е ненадоместлива загуба за нашето воздухопловство, за нашата земја и за семејствата кои дома ги чекаа своите најблиски“, соопшти бригадата во објава на социјалните мрежи. Истовремено е покрената и акција за собирање средства со цел поддршка на семејствата на загинатите припадници.

12. посебна бригада на копнената војска, со седиште во Нови Калинив во Лавовската област, е директен наследник на советска јуришна хеликоптерска единица. Таа активно учествува во борбени операции уште од 2014 година, вклучително и во антитерористичката операција во Донбас, а нејзините припадници извршувале и евакуации на ранети цивили.

Од почетокот на руската инвазија во 2022 година, бригадата е распоредена на првите линии на боиштето, каде обезбедува поддршка за копнените сили и дејствува по тенкови, оклопни возила и пешадија. Во последниот период учествувала и во операции на противвоздушната одбрана, со цел заштита на украинското небо.

„Ако нашата земја е нападната, мора да ја браниме. Ние сме воено воздухопловство, тоа е нашата задача“, порачаа од бригадата во претходно интервју.

Зачлени се на нашиот е-билтен