Можеби поканата за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ е токму компензацијата за „доброволно“ откажување на Украина од членството во НАТО. Со тоа ќе биде задоволена Украина, но и Русија. Двете ќе добијат по нешто, иако веќе многу загубија
Пишува: Љубиша НИКОЛОВСКИ
Украина ја доби поканата да ги започна пристапните преговори за членство во ЕУ. Реакцииите во јавноста во Македонија се главно разочарувачки. Нескриена е љубомората во коменгтарите на медиумите, а чуството на изиграноста од страна на ЕУ е видливо. Веројатно слични реакции има и во другите земји од западен Балкан.
Мора да се признае дека до некаде и со право се ваквите реакции, ако се има предвид
дека со години и тие чекаат во редот на шалтерот за прием, сметајќи дека направиле сè што од нив се бара, а ете некој друг преку ред влегува низ вратата.
Револтот е голем, но тоа не е причина да се излезе од редот, затоа што, како и на „мој термин“, ако те нема кога ќе те прозват, кој знае кога пак ќе ја имаш приликата да дојдеш на преглед.
Но, факт е дека оваа одлука на ЕУ ќе ги осоколи оние политички сили кои никогаш и не посакувале земјите од западен Балкан да се интегрираат во Унијата. Анти-ЕУ пропагандата ќе се засили наоѓајки погодна почва кај сите оние кои емотивно реагираат на секој страничен удар што доаѓа однадвор. Оттаму откажувањето од членството во ЕУ не е опција.
Украина си има своја приказна. Таа навистина не чекаше во редот, но Украина од дното на душата посакуваше да биде дел од Европа уште кога ние од Западен Балкан се строевме еден зад друг во редот. Додека ние сè уште копнеевме по мајка Русија, таа едвај чекаше да се ослободи од прегратката на „баќушка“.
Раскинувањето на врската мораше да биде болно, како насилно одвојување од својот сијамски брат близнак, со кого не сакате веќе да ја делите истата судбина. Затоа Украина реши да направи хурушки рез што го плати со крв уште истиот моментот кога посака да стане членка на НАТО. Руската агресија се случи токму во тој миг, сè уште трае и ќе трае додека „не ги исполни целите што ги зацртала“, како што велат од Кремљ.
Но, во големата војна страдаат и големите сили кои по извесно време на отпор, мора да најдат некакво компромисно решение. Можеби поканата за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ е токму компензацијата за „доброволно“ откажување на Украина од членството во НАТО. Со тоа ќе биде задоволена Украина, но и Русија. Двете ќе добијат по нешто, иако веќе многу загубија.
Имено, големите сили даваат, ама и земаат. Украина беше подготвена на таква жртва.
Западниот Балкан очигледно ни во мир не успеа да направи доволно за да го добие она што го сака. Па оттаму и тоа „сакање“ повеќе личеше на чекање „бакшиш“ прием од ЕУ одошто самозалагање до крајни граници за реформи во својот двор. Не дека и тука немаше војни, но тие беа домашни, внатрешни, меѓуетнички. И за жал, само тој постојан латентен конфликт од кој стравува Унијата, нè држи повеќе во кондиција за прием отколку реалните постигнувања во реформите.
И сега, кога сме разочарани од тоа што „една“ Украина ќе почне преговори, ние реагираме по нашки, во мачо стилот: „ма ко им е*е матер“. Наеднаш не ни треба таква Европа, ќе си седиме дома, а ако им требаме нека нè замолат, па ние ќе размислиме што ќе правиме.