Многу луѓе кои успешно изгубиле килограми со помош на Оземпик и слични лекови од групата GLP-1 агонисти се соочуваат со сериозен предизвик по прекинот на терапијата.
Чувството на глад се враќа, често уште поинтензивно, а со него и изгубените килограми. Ова отвора прашања дали кај дел од пациентите се создава потреба од доживотно користење на овие сè попопуларни инјекции, пишува порталот Futurism.
Една од нив е Тања Хол, корисничка на лекот Вегови, која признава дека не се осмелува да ја прекине терапијата.
„Првите 38 години од животот бев со прекумерна тежина, а сега сум 38 килограми полесна“, изјавила таа. „Дел од мене чувствува дека постои зависност од продолжување на терапијата, бидејќи ми дава чувство на контрола и стабилност.“
Доживотна терапија?
Ваквите искуства ги потврдуваат и научните истражувања, кои покажуваат дека пациентите по прекинот на терапијата често враќаат значителен дел од изгубената тежина. Тоа укажува дека дебелината, кај многумина, ќе мора да се третира како хронична состојба што бара долгорочна, па дури и доживотна терапија.
Со ваквиот став се согласи и Опра Винфри, која минатиот месец за списанието People изјави дека планира неограничено долго да остане на терапија.
„Ова ќе биде доживотна работа“, рече таа. „Земам лекови за висок крвен притисок и ако престанам да ги земам, притисокот повторно ќе се покачи. Сега разбирам дека истото важи и за овие лекови – тие ми се потребни.“
Според истражување спроведено од производителот на Оземпик, компанијата „Ново Нордиск“, пациентите кои ја прекинуваат терапијата во просек враќаат околу две третини од изгубената тежина. Лекарот Хусеин Ал-Зубаиди за Би-Би-Си го потврди овој тренд, наведувајќи дека во својата пракса видел пациенти кои вратиле меѓу 60 и 80 проценти од килограмите што претходно ги изгубиле.
Сепак, постои решение
Иако ситуацијата може да изгледа обесхрабрувачка, д-р Ал-Зубаиди смета дека не е сè изгубено. Според него, клучно е пациентите да имаат јасна „излезна стратегија“, која подразбира усвојување здрави животни навики уште додека се на терапија. Таквите промени можат значително да помогнат во одржување на телесната тежина и по прекинот на лековите.
Токму тоа го направила Елен Огли, која за Би-Би-Си раскажала дека изгубила околу 22 килограми со помош на лекот Мунџаро, произведен од компанијата „Илај Лили“. За време на терапијата, таа вовела поздрав начин на исхрана и редовна физичка активност.
Благодарение на тие промени, успеала да ја задржи новата тежина и по прекинот на инјекциите.
„Сакам луѓето да знаат дека животот по Мунџаро може да биде одржлив“, порачала таа.