Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Несреќа во рудник на светскиот гигант за производство на челик: Најмалку 21 рудар загинаa во Казахстан

Најмалку 21 рудар загинаа, а по 23 се трага по несреќа во рудник во центарот на Казахстан чиј сопственик е компанијата Арселор Митал (ArcelorMittal), соопшти денеска компанијата, светски гигант за производство и трговија со челик.

Регионалните власти синоќа соопштија дека избувнал пожар во рудникот Костенко, во близина на централниот град Караганда и дека таму се испратени 40 спасувачи. Министерот за вонредни ситуации Сирим Чарифанов изјави дека ќе замине на местото на несреќата, објави Би Би Си.

Компанијата претходно објави дека во рудникот имало 252 рудара.

„Пронајдени се телата на 21 рудар“, соопшти компанијата „Арселор Митал“, наведувајќи дека 23 рудари се уште се под земја, а 208 го напуштиле рудникот Костенко.

Претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев наложи да се прекине соработката со „Арселор Митал“ по новата несреќа во рудникот на овој светски гигант за челик.

„Владата доби наредба да ја прекине соработката поврзана за инвестициите со Арселор Митал Темирату“, се вели во изјавата на шефот на државата веднаш по објавувањето на несреќата.

Властите редовно ја обвинуваат казахстанската филијала на „Арселор Митал“, еден од светските лидери во производство и трговија со челик и експлоатација на руди, дека не ги почитува безбедносните и еколошките стандарди.

Ова е најтешката несреќа во рудник во Казахстан од 2006 година кога 41 рудар го загубија животот исто така во рудник на „Арселор Митал“ и втора несреќа во рудник на оваа групација во последните два месеца, по смртта на петмина рудари во истата област кон средината на август.

Претседателот Токаев најави дека ќе формира истражна комисија, соопштија од неговиот кабинет.

„Арселор Митал“ води околу петнаесет фабрики и рудници во оваа екстремно загадена индустриска зона на Казахстан, поранешна советска република богата со природни ресурси.

„Во тек се активности за враќање на контролата врз компанијата во име на Република Казахстан“, објави Владата преку платформата Телеграм и соопшти дека не планира да преговара со други странски инвеститори.

Најново