Швајцарскиот прехранбен гигант Nestlé објави дека во наредните две години ќе укине околу 16.000 работни места на глобално ниво, во рамки на план за намалување на оперативните трошоци и зголемување на ефикасноста.
Според извршниот директор Филип Навратил, компанијата мора да се „промени побрзо“ за да се прилагоди на новите пазарни и економски услови. Тој нагласи дека отпуштањата се „тешка, но неопходна одлука“, која ќе овозможи долгорочна стабилност на групацијата.
Од вкупната бројка, околу 12.000 административни работници ќе бидат погодени во сите оддели и региони, додека уште 4.000 позиции ќе се укинат преку процес на оптимизација на производството и синџирите на снабдување.
Nestlé има цел да ги намали трошоците за три милијарди швајцарски франци (околу 3,23 милијарди евра) до 2027 година, што е повеќе од првично планираните 2,5 милијарди. Планот е дел од стратегијата за подобрување на продуктивноста и прилагодување на компанијата на забавениот глобален раст и инфлаторните притисоци.
Во првите девет месеци од 2025 година, Nestlé оствари приходи од 65,9 милијарди франци (70,8 милијарди евра), што претставува пад од 1,9% во споредба со истиот период минатата година. Сепак, кога се исклучуваат валутните флуктуации и еднократните ефекти, органскиот раст изнесува 3,3%.
Според деловниот извештај, продажбата во Европа пораснала за 0,5%, додека цените се повисоки за 3,7% во однос на лани. Компанијата посочува дека неповолните девизни курсеви влијаеле негативно врз резултатите, со ефект од минус 5,4 проценти.
Nestlé очекува за целата 2025 година „малку посилен органски раст“ во однос на минатата година, кога растот изнесуваше само 2,2% — најниско ниво во последните 25 години.
Со овој потег, најголемата компанија за храна во светот се надева дека ќе го стабилизира своето работење и ќе ја подобри конкурентноста во услови на економска неизвесност и зголемени производствени трошоци.