Несудениот прв полицаец Ковачки ген-сек на ВМРО-ДПМНЕ, избран нов ИК

Фотографија од официјалната фејсбук страница на Драган Ковачки

Драган Ковачки ген-сек на ВМРО-ДПМНЕ е одлуката што ја донесе Централниот комитет на партијата, Изгласани се и кадровски промени во Извршниот комитет во рамки на најавена „внатрешна модернизација и кадровско освежување“.

Изборот на Драган Ковачки на позицијата генерален секретар ја врати и старата политичко-правна дебата што го следи неговото име. Во 2019 година тој беше предложен од ВМРО-ДПМНЕ за технички министер за внатрешни работи во т.н. техничка влада пред изборите во 2020, а тогаш дел од уставноправните експерти јавно оценуваа дека такво именување би било спорно и бараа да се предложи друго име.

Ковачки, според објавените биографски наводи од тој период, доаѓа од Армијата со чин полковник, бил дел од специјалната единица „Волци“, учествувал во конфликтот во 2001 и минал обуки во САД и Европа во области поврзани со борба против тероризам и контраразузнавање. Токму оваа безбедносна позадина тогаш беше дел од јавната расправа околу неговото потенцијално поставување во ресорот внатрешни работи.

Во актуелната партиска реконфигурација, Извршниот комитет што го најави раководството е составен од лица кои веќе држат клучни државни функции: покрај Ковачки како генерален секретар, организационен секретар е Ивица Томовски, шеф на кабинет е Владимир Нелоски, а во составот се наведени и Александар Николоски (вицепремиер и министер за транспорт), Владо Мисајловски (министер за одбрана), Гордана Димитријеска-Кочоска (министерка за финансии), Тимчо Муцунски (министер за надворешни работи и надворешна трговија), Никола Мицевски (координатор на пратеничката група по функција), Антонио Милошоски (потпретседател на Собранието), Игор Јанушев (генерален секретар на Владата), Марија Митева (портпарол на Владата) и Стефан Андоновски (министер за дигитална трансформација), како и повеќе градоначалници и пратеници.

Зачлени се на нашиот е-билтен