Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на денешната средба со американскиот претседател Џо Бајден во Тел Авив го повика Западот да ги здружи силите во поразот на Хамас, откако со масакрот извешен од оваа палестинска екстремистичка организација, на 7 октомври, се покажа нејзиното „чисто зло“, пренесе ДПА.
Нетанјаху кажа дека „цивилизираниот свет мора да се обедини за да го порази Хамас“, споредувајќи ја оваа милитантна организација, што управува со Појасот Газа, со нацистите и терористичката мрежа Исламска држава (ИД).
-Хамас ги изврши најлошите злосторства во Израел, изјави Нетанјаху на средбата. „Жени се силувани, војници обезглавени и деца убиени“, додаде тој, пренесува ДПА.
„Само замислете го, господине претседателе, стравот и паниката кај тие мали деца во нивните последни моменти, додека чудовиштата ги откриваат нивните тајни скривалишта“, му пренесе израелскиот премиерот на Бајден.
-Ќе го победиме Хамас и ќе ја отстраниме оваа ужасна закана од нашите животи, рече Нетанјаху.
Бајден, кој е првиот американски претседател во историјата кој доаѓа во Израел за време на војна, додаде дека ова е „длабоко, длабоко трогателно“.