Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа во видео порака изјави дека војната против Иран ќе продолжи „без прекин и без компромис“. Тој истакна дека Израел има „организиран план со многу изненадувања“ за следната фаза од војната со Иран, „за дестабилизација на режимот и овозможување промени“.
Обраќајќи им се на членовите на Иранскиот корпус на револуционерна гарда (ИРГЦ), тој рече: „И вие сте на нишан. Кој и да го положи оружјето, ништо нема да му се случи. Кој и да не го стори тоа, самиот ќе ги сноси последиците.“
Нетанјаху му порача на иранскиот народ дека „моментот на вистината се приближува“. „Ние не се обидуваме да го поделиме Иран. Ние се обидуваме да го ослободиме Иран. Но, на крајот, од вас ќе зависи дали Иран ќе биде ослободен“, нагласи тој.
„Американско-израелскиот сојуз е посилен од кога било“
Тој тврди дека ова „ослободување на Иран“ би можело да донесе мир меѓу Израел и Иран.
Тој посочи дека американскиот претседател Доналд Трамп му рекол за време на нивниот состанок во декември: „Биби, мора да го спречиме Иран да добие нуклеарно оружје по секоја цена“.
Тој му се заблагодари на Трамп за неговото „историско водство“ во „американско-израелскиот сојуз кој е посилен од кога било“. Додаде дека Израел „застанува со“ другите земји нападнати од Иран и тврдеше дека „многу земји“ му се обраќаат на Израел за соработка.
Тој ги обвини Обединетите нации дека молчат додека, како што рече, биле убивани Иранци. „Кога покојниот врховен лидер Али Хамнеи убиваше Иранци, каде беше ОН? Каде беа многу земји на Западот?“, праша Нетанјаху.
„Многу земји денес точно гледаат на кого можат да сметаат. Израел е светилник на сила и надеж“, рече тој.