Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп откако тој по вторпат за неколку дена побара обвинителите да ги отфрлат обвиненијата за корупција против израелскиот премиер.
„Ви благодарам уште еднаш, претседателе Трамп. Заедно, создаваме она што повторно ќе го направи Блискиот Исток голем!“ објави Нетанјаху на Платформа X, заедно со снимка од екранот од објавата на Трамп на мрежата Truth Social.
Трамп претходно ги критикуваше израелските обвинители во врска со судењето за корупција на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, велејќи дека Вашингтон, кој му дал милијарди долари помош на Израел, „нема да го толерира тоа“.
Во 2019 година, Нетанјаху беше обвинет во Израел за поткуп, измама и кршење на довербата, но тој ги негираше обвиненијата. Британските меидуми потсетуваат дека судењето на премиерот на Израел започна во 2020 година и вклучува три кривични случаи.
„Лудо е што претерано ревносните обвинители му прават на Биби Нетанјаху“, објави Трамп на социјалната мрежа Truth Social, додавајќи дека судскиот процес ја попречува способноста на Нетанјаху да преговара со палестинската милитантна организација Хамас и со Иран.