Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го започна својот говор нарекувајќи ги припадниците на Хамас „варвари“ кои сакаат „да уништат сè што цениме и да воведат свет на страв и темнина“, објави Скај њуз.
„Ова е пресвртница. Пресвртна точка за лидерите и нациите. Време е сите да одлучиме дали сме подготвени да се бориме за иднина полна со надеж и ветувања или да се предадеме на тиранијата и теророт“, порача тој.
„Бидете уверени, Израел ќе се бори“, најави Нетанјаху. Израелскиот премиер истакна дека треба да се направи разлика меѓу „убиствата на невините и ненамерните жртви што ја придружуваат секоја легитимна војна“. Тој истакна дека Хамас ќе користи жив штит и ќе се крие во подрумите на болниците и дека групата „ги спречува цивилите да ги напуштат“ областите за кои Израел наредил да се евакуираат.
Зборувајќи за прекин на огнот, тој вели дека Израел нема да се согласи со тоа, како што не би се согласиле САД по Перл Харбор или 11 септември.
„Израел нема да се согласи на прекин на непријателствата … повиците за прекин на огнот се повици до Израел да му се предаде на Хамас, да му се предаде на тероризмот, да му се предаде на варварството. Тоа нема да се случи“, нагласи тој.
„Библијата вели дека постои време за мир и време за војна. Ова е време за војна“, изјави Нетанјаху во своето обраќање.
На новинарско прашање да го коментира својот намален рејтинг во израелската политика и поширокото општество, Нетанјаху одговори дека неговиот „единствен фокус“ е на војната.
Запрашан за тековната заложничка криза и ризикот од нејзино ширење, Нетанјаху изјави:
„Копнената операција всушност создава можност, не безбедност, туку можност за извлекување на нашите заложници бидејќи Хамас нема да го стори тоа (да ги ослободи заложниците) освен ако не е под притисок. Мислиме дека овој метод (копнена операција) има шанса“.
На прашањето дали Израел е одговорен за колективната казна бидејќи продолжува со воздушните напади врз Газа, Нетанјаху истакна дека „ниту еден цивил не мора да умре. Хамас едноставно мора да ги пушти во безбедната зона што ја создадовме во југоисточниот појас Газа“.
Тој ги повтори тврдењата дека Хамас намерно држи цивили во борбени зони и му порача на новинарот ова прашање да го насочи кон Хамас наместо кон него.
Г. Т. (ЦивилМедиа)