По израелскиот напад во Доха насочен кон високи функционери на Хамас, кој предизвика жестоки меѓународни реакции, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху уште еднаш истакна дека Хамас е одговорен за продолжувањето на војната во Газа.
На прес-конференција, Нетанјаху потврди дека лично го одобрил „прецизниот удар врз лидерите на Хамас“, опишувајќи го како исполнување на ветувањето дадено по нападот на 7 октомври 2023 година.
„На почетокот на војната рековме дека ќе ги стигнеме оние што го извршија тој ужас. Денеска Израел и јас го одржавме тоа ветување,“ изјави премиерот.
Апел до цивилите во Газа
Нетанјаху им се обрати и на цивилите во Појасот Газа, повикувајќи ги да го прифатат мировниот предлог на претседателот Доналд Трамп.
„Војната може веднаш да заврши ако Хамас го прифати предлогот. Борете се за своите права и за својата иднина. Прифатете го предлогот и склучете мир со нас,“ порача тој.
Хамас претходно соопшти дека „поздравува некои идеи“ пренесени преку посредници од САД, кои се однесуваат на евентуален договор за прекин на огнот.
Последно предупредување
„Го предупредив Хамас на последиците. Ова е моето последно предупредување – друго нема да има,“ порача Нетанјаху, повикувајќи се и на пораката на Трамп, кој порано во текот на денот напиша дека Израел веќе ги прифатил условите за мировен договор и дека е редот на Хамас.