Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

„Неутралци“ или бесчувствителни соучесници?

Погледнете само кои фирми и богаташи стојат зад медиумите во кои како река тече проруска пропаганда. Погледнете ги нивните бизнис релации. Ќе видите за што зборувам

ЏАБИР ДЕРАЛА

Тој што, заедно со својот министер за надворешни работи, до последниот ден бесрамно го лажеше целиот свет дека нема никаква намера да ја нападне соседна Украина, сега е веќе потврден воен злосторник. И до ден денешен, тој и неговата злосторничка клика, водат политика и војна заснована на подли лаги. Тие се на чело на држава која систематски спроведува терор врз цивилното население од првиот ден на агресијата.

Спроведуваат воени злосторства и геноцид, додека на линиите на фронтот за нив се борат платеници и робијаши. И губат на фронтот од далеку послабо вооружените херојски бранителки и бранители на Украина. Му се закануваат на целиот свет со нуклеарен армагедон. Да, тоа е Путин и неговата злосторничка екипа.

Ги гледам неговите пропагандисти, ботови и корисни идиоти што се фасцинирани од злосторничкиот, геноциден поход против невооружените цивили на една независна и суверена земја. Ја гледам неславната ролја на медиумите, интелектуалците, уметниците и невладините фолиранти.

Медиумите, во спрега со „неутралните“ креатори на јавното мислење, секојдневно ги полнат главите на луѓето со манипулации, дезинформации и пропаганда. Зошто го прават тоа!? Зошто, по ѓаволите!? Бидејќи тоа се медиуми и фирми што се хранат од крвавите бизниси на нивните газди со путинистичката криминална империја.

Трговијата со нафта и гас, суровини и полуфабрикати (од минерали до хартија) им направи милионски профити на газдите кои ги потпишуваат платните налози на уредници и новинари, „неутрални“ експерти од невладиниот сектор, и ги корумпираат носителите на одлуки и политичарите. Спинуваат и манипулираат со изјави, компарации и статистики.

Погледнете само кои фирми и богаташи стојат зад медиумите во кои како река тече проруска пропаганда. Погледнете ги нивните бизнис релации. Ќе видите за што зборувам.

Велат дека многу поголем број луѓе во светот живеат во државите кои се „неутрални“ или на страната на Путиновата крвава агресија. И со тоа се обидуваат да ги убедат луѓето дека треба и тие да бидат (барем) „неутрални“. Бесрамни лажговци и манипулатори! Ако владите на тие држави заземале „неутрален“ или проруски став, не значи дека и населението на тие земји поддржува агресија, воени злосторства и геноцид.

Дури и населението да ги поддржува официјалните ставови (според „истражувањата на јавното мислење и перцепцијата“, за кои имам посебно лошо мислење), никој не гарантира дека јавноста во тие земји не била мета на долгогодишна пропагандна војна. За демократскиот капацитет и слободата во тие земји и да не зборуваме. Кина, на пример. Или Северна Кореја. Класични диктаторски режими.

Нечовечно е да се биде „неутрален“ кон монструозните злосторства што ги спроведува рускиот агресор против цивилното население и воените заробеници. Тоа не може да се нарече неутралност, туку бесчувствителност! И соучесништво во злосторството!

Нема аргументи со кои „неутралноста“ во оваа тешка човечка и светска трагедија може да се одбрани. Проруските позиции и ставови не сакам ни да ги коментирам. Тие се злосторство.

Ајде еден приземен пример. Гледате „неутрално“ како некој подложува на тортура или убива некој друг човек. И не осудувате, не повикувате да престане, не повикувате никого на помош. Тоа е неутралност или соучесништво? Одговорете си искрено.

Извор: CivilMedia

Зачлени се на нашиот е-билтен