Силното зимско невреме што ги зафати италијанските крајбрежја и медитеранските острови предизвика огромни материјални штети, а властите проценуваат дека само на Сицилија тие достигнуваат околу 740 милиони евра.
Бурното време донесе високи бранови, силни налети на ветер и обилни врнежи, кои оставија сериозни последици и на Сардинија. Најпогоден регион на италијанското копно е Калабрија, на југот од земјата, каде се пријавени поплави и оштетена инфраструктура.
Невремето, наречено „Хари“, во изминатите денови целосно ги поплави плажите на Сицилија, а крајбрежните патишта беа под вода. Силниот ветер кршеше излози и предизвика штети на бројни ресторани и објекти долж брегот. Сериозен инцидент е забележан и на железничката линија меѓу Месина и Катанија, каде дел од пругата остана да виси во воздух откако надојдената вода го однесе земјиштето под неа. Во одделни делови се регистрирани бранови високи и до 16 метри.
Претседателот на регионот Сицилија, Ренато Шифани, најави итна финансиска помош од над 140 милиони евра за санација на штетите. Властите на Сардинија, исто така, информираа дека штетите таму се проценуваат на неколку стотици милиони евра. Погодени се и помалите острови во регионот, меѓу кои Липари и Стромболи.
Невремето „Хари“ остави последици и надвор од Италија. Штети се пријавени и во Малта, додека во Грција најмалку две лица го загубија животот како последица на екстремните временски услови.