По информацијата дека кај двајца новопримени професионални војници во велешката касарна „Алексо Демниевски – Бауман“ е констатирана шуга, со реакција се огласи Независниот синдикат на професионални војници, кој предупредува на, како што наведуваат, сериозно нарушени услови за живот и работа во дел од воените објекти низ државата.
Од синдикатот посочуваат дека случајот во Велес не е изолиран, туку дека и во минатото имало слични ситуации кои, според нив, не добиле доволно внимание од јавноста и медиумите. Во соопштението се наведува дека професионалните војници се соочуваат со несоодветни услови за сместување, стара и необновена постелнина, перници и ќебиња, како и простории со влага и појава на инсекти.
Дополнително, синдикатот укажува и на нехигиенски услови при сервирање на храната, користење стар прибор, недоволен квалитет и разновидност на оброците, како и нереновирани санитарни јазли. Како проблеми се наведуваат и прекини со струја и користење техничка вода во одредени објекти, состојби кои, според нив, траат со години.
Претседателот на синдикатот, Александар Насковски, оценува дека военото раководство и досегашните министри за одбрана не покажале доволна грижа за условите во кои престојуваат професионалните војници. Според него, се инвестира во реновирање на простории за офицери, додека објектите наменети за војниците остануваат во лоша состојба.
Од синдикатот додаваат дека со зголемувањето на буџетот за одбраната, согласно обврските кон НАТО, приоритет треба да биде подобрување на условите за работа и грижата за човечкиот фактор, а не само набавката на нова опрема.
Во реакцијата се упатуваат и критики кон министерот за одбрана Владо Мисајловски, со обвинувања за недостиг на социјален дијалог и игнорирање на барањата на војниците. Како дополнителни проблеми се наведуваат и отсуството на покачување на платите во последните три години, појава на дискриминација и мобинг, како и одлив на кадар од Армијата.