Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ник Стефанов: Помирувањето меѓу сите Македонци е главната мисија на МПО

На денот на независноста 8 септември, Жарко Трајаноски, истражувач и публицист, разговараше со Ник Стефанов, претседателот на Македонската патриотска организација (МПО), кој смета дека Бугарија може да го промени наративот за етничките Македонци во нејзините граници со признавање на нивното право на слобода на здружување и официјално регистрирање на нивните здруженија, кое е потврдено во неколку пресуди на Европскиот суд за човекови права. Стефанов исто така е на став дека признавањето на бугарското малцинство појасно ги разграничува етничките Македонци од Бугарите. МПО е издавач на „Македонска трибуна“ кој се промовира како „најстариот македонски весник во светот“ кој постојано се издава од 1927 година.

Жарко Трајаноски: Господине Стефанов, на Фејсбук страницата Macedonian Patriotic Organization неодамна објавивте дека овогодишниот 103-ти годишен конгрес на МПО бил успешен, а како нов претседател посочивте дека МПО ќе биде посветена на обединување на сите Македонци, независно од нивните етницитети (етничка припадност) и како тие се самоопределуваат. Можете ли да ни кажете нешто повеќе за главната мисија на МПО – помирувањето, и какви конкретни чекори планирате да преземете во таа насока?

Ник Стефанов: Помирувањето во моментов е главната мисија на МПО и тоа подразбира енергично работење за да му ставиме крај на непријателството во однос на нашите специфични етницитети како Македонци и да создадеме вистинско, трајно и одржливо единство на сите Македонци во нашата дијаспора и пошироко врз основа на нашата заедничка македонска свест. Мора да престанеме да се гледаме едни со други како непријатели. Сите ние сме припадници на еден народ, сите сме едно големо пошироко семејство и, како и сите семејства, имаме одредени разногласија. Кај повеќето семејства, тие несогласувања не доведуваат до распад на самото семејство.

Во рамките на моето пошироко семејство, имаме членови кои се идентификуваат како етнички Македонци, имаме членови кои се идентификуваат како Македонци со бугарски корени, и имаме членови кои едноставно се нарекуваат Македонци и не се грижат за тоа како ние се идентификуваме етнички. Но, и покрај овие разлики, ние сè уште се гледаме како еднакви и продолжуваме да се сакаме, меѓусебно да се дружиме, да се смееме, да плачеме, да славиме и да тагуваме едни со други. Се грижиме едни за други без разлика на сѐ! Ние, исто така, почитуваме како секој од нас избира да се себеидентификува етнички.

А сепак, со години и години ги користевме нашите несогласувања за да се демонизираме едни со други и меѓусебно да се обвинуваме за крадење или за обид за уништување на нашите особени идентитети. Доминантната компонента на нашите идентитети е македонството, нашата македонска свест, а тоа е она што не прави еден народ. Наместо да гледаме едни на други како заколнати непријатели, време е да го промениме нашиот начин на мислење и меѓусебно да се восприемеме како припадници на еден народ, кој има несогласувања во однос на нашата историја или нашите корени, но сепак – еден народ. Мораме да разбереме дека имаме еднакво право да го носиме гордото македонско име, без разлика на тоа како се идентификуваме етнички, и мора да покажеме почит кон двата главни етницитети со кои се идентификуваат словенските Македонци. Сите мора да го прифатиме фактот дека ние сме еден народ со два идентитети. Мора да почнеме да сфаќаме дека нашите различни перспективи во голем дел се должат на поделбата на Македонија во 1913 година, трагичен чин што се случи вон наша контрола. Мора да разбереме дека никој не може да ни ги украде или уништи нашите специфични македонски идентитети – или македонството во целина. Долги години немаше слободна и независна Македонија, а сепак идејата за слободна македонска држава опстојуваше во срцата на нашиот народ. Никој не може да го украде она што е во нашите срца. Токму срцата на основачите на МПО и нашите предци беа тие што ја одржаа идејата за слободна и независна Македонија, Македонија која ќе биде уточиште за сите Македонци ширум светот и една „Швајцарија на Балканот“ каде ќе се почитуваат сите етницитети. МПО ја одржуваше оваа идеја жива со генерации, дури и кога другите изгубија надеж, и активно се залагаше за нејзино остварување во текот на целиот изминат век.

Во однос на конкретните чекори што ги презедовме и ќе продолжиме да ги преземаме, го велам ова: На минатогодишниот конгрес на МПО во 2023 година, конгресните делегати едногласно одобрија промена на нашиот организационен устав во кој сега се појаснува нашето официјално признавање и прифаќање на секој со македонска свест, вклучувајќи ги и оние кои се идентификуваат како етнички Македонци кои не биле вклучени во минатото. Оттогаш, се обративме до етничките Македонци во Северна Америка преку веб-емисии, преку директни разговори, декларации и конференциски повици промовирајќи ја нашата позиција дека секој со македонска свест е вистински Македонец и дека оваа заемност значи дека ние сме еден народ. Со ова пружање рака баравме да запре непријателството меѓу луѓето кои се асоцираат со етничкиот македонски идентитет и луѓето кои се асоцираат со бугарскиот македонски идентитет (македонски идентитет со бугарски корени)!

Повратните реакции што ги добивме беа многу позитивни и целосно прифатливи. Сега е време формално да се обратиме до организациите како ОМД и Обединети Македонци со намера да се изготват заеднички изјави и официјални документи потпишани од МПО и другите две организации, со кои еднаш засекогаш ќе се изјасниме, дека сите луѓе со заедничка македонска свест взаемно се признаваат како вистински Македонци, по што би уследил заеднички план како можеме взаемно да работиме за доброто на сите.

Нашата иницијатива за помирување беше споделена и со индивидуи, претставници на медиумите и интелектуалци и во Северна Македонија и во Бугарија и повторно добивме позитивни повратни реакции. Некои дури предложија МПО да го преземе водството во унапредувањето и промовирањето на нашата позиција јавно на Балканот и низ Европа како нацрт план за ублажување на неподносливите тензии помеѓу Бугарија и Северна Македонија. Размислуваме за формирање Европски тинк-тенк за помирување, составен од претставници од Северна Македонија и Бугарија кои разбираат дека непријателството помеѓу двете земји никому не му користи. Мандатот на овој комитет би бил да развие стратегии за намалување на тензиите и да изнајде заедничка основа за трајно решение на проблемите.

На оние кои велат дека на МПО не му е работа да се меша во европските работи, им велиме дека МПО не може едноставно да ги обединува Македонците во нашата дијаспора, а да ги игнорира Македонците кои живеат во Северна Македонија, Бугарија и/или други европски земји. Вистинското обединување значи да се обединат сите. Говорот на омраза кој доаѓа од Европа, со кој се демонизираат македонските Бугари и/или етничките Македонци, има свој одраз и во Северна Америка, исто како и преку социјалните мрежи, и тоа дејствува против нашата иницијатива за помирување.

Друга цел на нашата иницијатива за помирување е надминување на застојот во кој се најде Заедничката историска комисија на Северна Македонија и Бугарија и нејзиниот мандат да излезе со заедничка или споделена историја помеѓу двете нации што секој може да ја поддржи. Формирана пред неколку години, комисијата направи мал или никаков напредок поради поларизираните позиции на сите страни. МПО работи на план за создавање на алтернативна историска комисија (комисија во сенка), составена од граѓани со слични мислења од двете земји, професионалци во нивните соодветни полиња, кои се посветени да го надминат застојот и да дојдат до вистински компромис кој потоа ќе биде споделен преку социјалните медиуми и разните публикации низ Европа. Нашата публика во овој потфат е електоратот и во Северна Македонија и во Бугарија.

Конечно, МПО се обрати до луѓето кои имаат врски со актуелните влади на Северна Македонија и Бугарија, пренесувајќи го нашиот став и давајќи им попозитивен поглед на она што го претставува МПО. Добивме сигнали од нашите контакти во Северна Македонија и Бугарија дека постои подготвеност да се поддржи нашиот попомирувачки приод и да се стави крај на демонизирачкиот наратив од минатото.

Стефанов: Признавањето на бугарското малцинство појасно ги разграничува етничките Македонци од Бугарите

Трајаноски: Во „Македонска Трибуна“ во август 2024 вие објавивте текст во кој изразувате несогласување со ултранационалистите и евроскептиците во нашата земја. Поконкретно, вие не се согласувате со оние кои заплашуваат дека уставните промени за признавање на бугарско малцинство во Северна Македонија го загрозуваат македонскиот национален идентитет и постоењето на македонската држава. Од една страна, вие сметате дека „признаваето на бугарското малцинство појасно ќе ги разграничи Македонците од Бугарите“. Од друга страна, вие сметате дека и Бугарија може да го промени наративот во однос на етничките Македонци во нејзини рамки, да го признае нивното право на слобода на здружување, кое е афирмирано и во повеќе пресуди на Европскиот суд за човекови права. Имајќи предвид дека Бугарија е повторно пред избори, без политичка влада, според вас, колку се реални ваквите очекувања на позитивен потег од Бугарија, кој би дал стимул за откочување на процесот на преговори со ЕУ, кој во моментов е во ќорсокак?

Стефанов: Точно е дека не се согласувам со оние кои заплашуваат дека уставните измени за официјално признавање на бугарската заедница во Северна Македонија го загрозуваат македонскиот национален идентитет и постоењето на македонската држава. Според статистиката на Северна Македонија, бројот на Бугарите во независниот дел од нашата татковина е релативно мала група и навистина е малцинство. Бидејќи републиката е демократија која на своите малцинства им дава одредени уставни права, фер е истото да го направи и со Бугарите. Притоа, директно да цитирам од мојот напис, „…Непризнавањето на Бугарите во републиката како конститутивно малцинство [имплицира] дека етничките Бугари во Македонија се навистина Македонци на кои им бил испран мозокот од бугарската пропаганда или едноставно се Македонци кои мислат дека се Бугари. Оваа перцепција за мене всушност ја поддржува идејата дека навистина постои врска помеѓу Македонците и Бугарите. Од друга страна, признавањето на бугарското малцинство појасно ги разграничува етничките Македонци од Бугарите“.

Во однос на Бугарија, мислам дека и Бугарската Република може да го промени наративот за етничките Македонци во нејзините граници со признавање на нивното право на слобода на здружување и официјално регистрирање на нивните здруженија, кое е потврдено во неколку пресуди на Европскиот суд за човекови права.  

Овозможувањето на слободата на здружување на етничките Македонци во Бугарија ќе биде еден позитивен поттик кој може да убеди повеќе луѓе во македонскиот електорат да им дадат на Бугарите статус на уставно признаена заедница. Станува збор за тоа, „ако ми го почешаш грбот, ќе го почешам и јас твојот“ („помогни ми, да ти помогнам“).

Сега да одговорам на вашето прашање колку е реално Бугарија да направи позитивен потег во однос на своите етнички македонски граѓани, кога Бугарија е пред избори и моментално е без дејствувачка политичка влада. Верувам дека народот на Бугарија е искрен во својата желба да го надмине овој ужасен конфликт со Северна Македонија, наследен од времето на Студената војна. Исто така верувам дека има тивко мнозинство на луѓе во двете земји кои навистина ја поддржуваат идејата за помирување и фокусот на МПО е навистина да ги разбуди тие тивки мнозинства и да ги принуди нивните влади да направат позитивен потег. Бугарија евентуално ќе има дејствувачка политичка влада за која ќе одлучува бугарскиот електорат и, доколку тивкото мнозинство се разбуди, тоа ќе биде главното влијание за позитивните промени. Згора на тоа, истото важи и за македонскиот електорат. Еден електорат каде што мнозинството поддржува помирување ќе одлучи што е реално, а што не е.

Стефанов: Мораме да постигнеме внатре-македонско помирување

Трајаноски: И годинава МПО потсети на ланската декларација на централниот комитет, укажувајќи на проблемот со потпалувачката реторика и акции од страна на ултра-националистите, на деструктивниот циклус кој оневозможува разрешување на спорот помеѓу Бугарија и Северна Македонија. Какви мерки презема МПО за намалување на штетите од црните пропаганди (на пример, против „македонизмот“ и македонскиот јазик во Бугарија, и против „бугаризацијата“ и „бугарскиот диктат“ во Северна Македонија), кои несомнено придонесуваат за распламтување на говорот на омраза и нетолеранцијата и на социјалните мрежи?

Стефанов: Верувам дека токму гласните ултранационалисти кои промовираат негативна реторика и акции се многу гласно малцинство во двете земји и дека има тивко мнозинство во двете земји кои сакаат помирување. Поддршката за нашата мисија – еден народ, два идентитети – мора да започне од терен и во двете земји и МПО користи и ќе користи социјални медиуми, подкасти, весници и други публикации за да го шири зборот. Ние, исто така, ги шириме пораките преку остварување контакти со новинари, интелектуалци, политичари и дипломати во двете земји и ги покануваме да се вклучат во нашата многу позитивна и здраворазумска иницијатива. Ултра-националистите во двете земји сè уште се врзани за нашето негативно минато, додека нашето позитивно решение е поврзано со подобрена сегашност и успешна иднина. Исто така, ние веруваме дека нашата северноамериканска дијаспора може да стане моќна лоби група што може многу да влијае врз владите на Северна Македонија и Бугарија и затоа МПО е посветена да ги натера сите македонски организации во нашата дијаспора да ја поддржат нашата иницијатива и заедно да направат план на дејствување во смисла на нејзино промовирање во двете земји.

За да го трасириме патот за приближување и нормализација на односите помеѓу Северна Македонија и Бугарија, прво мораме да постигнеме внатре-македонско помирување – помеѓу бугарскиот македонски идентитет, кој беше доминантен пред Втората светска војна, и етничкиот македонски идентитет, кој е доминантен оттогаш. Овој процес мора да започне внатрешно, меѓу самите Македонци. МПО веќе го презеде водството во ова настојување и постигна значителен напредок.

За сето ова е потребно време и трпение. Кога ќе успееме, Македонското прашање – прашање кое со годините се менуваше, но продолжува да постои – конечно ќе добие позитивен одговор!

Стефанов: Политиките на исклучивост беа главниот камен на препнување за вистинското обединување на нашиот народ

Трајаноски: Може ли нешто поконкретно да ни кажете за вашата политика на инклузија, наспроти политиките на исклучивост, кои ги сметате како остатоци од децениската „студена војна“ помеѓу македонската и бугарската држава?

Стефанов: Од почетокот на „Студената војна“ помеѓу комунистичка Југославија и комунистичка Бугарија – подоцна преповторена од посткомунистичките македонски и бугарски држави – политиките на исклучивост беа главниот камен на препнување за вистинското обединување на нашиот народ. Тие секогаш го ставаа нашиот народ во негативен „мајндсет“ (начин на мислење) каде што секогаш заземавме поларизирачки позиции едни против други, позиции кои ја демонизираа секоја страна во очите на другата. Двете страни секогаш тврдеа дека другата страна е нелегитимна, нешто создадено од македонските „титовци“ или од бугарската „фашистичка“ пропаганда. Двете страни меѓусебно се гледаа како непријател и немаше на повидок разрешување на прашањата што не поделија. Денешните ултра-националисти продолжуваат да го промовираат ова непријателство.

МПО долго време по Втората светска војна исто така промовираше исклучивост кај нашите луѓе. Од основањето на МПО во 1920-тите до крајот на Втората светска војна, МПО беше посветена на обединување на сите Македонци без разлика на нивната етничка припадност и промовирање на каузата за слободна и независна македонска татковина, Швајцарија на Балканот, каде што сите Македонци ќе имаат силна македонска национална свест или националност и каде што би се почитувале нивните различни етницитети.

Ова се смени по Втората светска војна, кога МПО застрани со појавата на комунистичка Југославија. Видете, штом се востанови комунистичка Југославија, таа иницираше континуирана кампања на пропаганда со омраза против МПО, притоа промовирајќи го тогашниот тукушто афирмиран строго етнички македонски идентитет – еден исклучив идентитет кој го загрозуваше самото наше постоење. Ние го нападнавме овој идентитет со истата одмаздничка омраза од другата страна и, во оваа битка, беше загрозено самото постоење на МПО.

Ова не беше во согласност со нашата основачка идеологија. Идеологијата и вистинската намера на нашите бугаро-македонски основачи беше да ги обединат сите Македонци во нашата дијаспора, без разлика на тоа како би се идентификувале етнички, и да се фокусираат да станат глас за сите Македонци во заедничката кауза за слободна и независна Македонија каде што сите Македонци од сите етницитети би биле почитувани и добредојдени.

Оваа диверзија од нашата основачка идеологија се припишува на нападите со омраза врз нашиот бугарски македонски идентитет од страна на тоталитарниот режим во комунистичка Југославија и нашата желба да возвратиме со напад.

Првично, јас ја следев тогашната „партиска линија“ на МПО што ги демонизираше комунистичка Југославија и она што сметавме дека е омразно лицемерие на официјалниот историски наратив зад етничкиот македонски идентитет кој го негираше вековното бугарско историско и културно наследство во Македонија. Ја следев линијата дека: да, МПО се залага за сите Македонци без разлика на нивната етничка припадност, но дека овој новоеманципиран етницитет не ја претставува волјата на македонскиот народ во Југославија – и дека сите Македонци кои го поддржуваа беа со „испрани мозоци“.

Моите ставови почнаа да се менуваат затоа што секогаш ме вознемируваше фактот што во екот на внатрешната меѓусебна пресметка меѓу Македонците почна да опаѓа и бројот на членови и ограноци на МПО. Првично пред Втората светска војна, огромното мнозинство членови и поддржувачи на МПО се идентификуваа како македонски Бугари (Македонци со бугарски корени) кои се бореа да ги обединат сите Македонци без разлика на етницитет. Кога се пројави современиот етнички македонски идентитет, МПО се фокусираше да го нападне на ист начин како што поборниците на овој идентитет го нападнаа МПО. Ова продолжи со години низ 1950-тите, 60-тите, 70-тите, 80-тите, па дури и во 90-тите.

На крајот стана очигледно дека етничкиот македонски идентитет е тука за да остане и покрај фактот што МПО ја продолжи својата „крстоносна војна“ за да го отфрли. Како резултат на тоа, многу семејства на МПО почнаа да ја преиспитуваат позицијата на МПО бидејќи се чувствуваа нелагодно од нашите постојани напади врз нашите сопствени луѓе кои сега почнаа да се приклонуваат кон алтернативниот македонски идентитет. Им пречеше тоа што нашето МПО официјално ги прифаќаше сите Македонци без разлика на нивната етничка припадност, вклучувајќи Бугари, Турци, Грци, Власи (или Аромани), Албанци и Сефардски Евреи, но не и нашите сопствени браќа и сестри во Вардарска Македонија. Многумина постепено се откажаа од МПО поради ова и почнаа да гледаат на бугарскиот дел од нашиот идентитет како извор на срам. Како резултат на овој растечки сентимент, МПО постепено изгуби бројни оддели и членови. Очигледно, доколку овој тренд продолжеше, МПО ќе престанеше да постои во следните неколку години.

Значи, за МПО да опстане и да напредува, јас заклучив дека нашите етнички поделби повеќе не смеат да бидат извор на меѓусебна омраза, непријателство, отуѓеност и апатија едни кон други.

Мораме да досегнеме до сите наши браќа и сестри, без разлика на кој македонски идентитет му се наклонети и да се фокусираме на нашите заемности како македонски народ. Треба да ја покажеме нашата искреност во прифаќањето на сите гранки на нашето „македонство“ и да ја промовираме идејата дека македонските Бугари, етничките Македонци и оние кои што само сакаат да се нарекуваат Македонци се 100 отсто Македонци и сочинуваат обединета македонска нација. Кога нашите етницитети повеќе нема да бидат извор на омраза, заканата од исчезнување на нашиот бугарски македонски идентитет во Северна Америка веќе нема да биде проблем. Ние ќе бидеме организација која живее со клучниот мотив на нашите основачи да ги обединат сите Македонци во нашата дијаспора, сосредоточувајќи се на нашите заемности и меѓусебно почитувајќи го етницитетот.

Стефанов: Сите ние сме вистински наследници на историското ВМРО

Трајаноски:  МПО се претставува себеси како „единствениот вистински наследник на историското ВМРО“, а и владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ во својата доктрина полага право на „континуитетот на историското ВМРО“, односно, одамна се повикува на „историскиот континуитет на историското ВМРО“. Мицкоски укажа дека има континуитет со сите лидери на историското ВМРО, вклучително и со Иван Михајлов, иако не се согласувал со тоа како ја управувал организацијата, како и со тоа дека „соработувал со тогашната НДХ која била фашистички односно нацистички сојузник“. Какви се сегашните односи на МПО со ВМРО-ДПМНЕ предводено од Мицкоски, имате ли историски спорови за тоа кој е вистински наследник на „историското ВМРО“ и околу делото на Иван Михајлов?

Стефанов:  Точно е дека МПО, основана во 1922 година, првично служеше како прекуокеански огранок на историската Внатрешна македонска револуционерна организација (ВМРО). Со децении таа беше факелот во борбата за слобода на Македонија. МПО го промовираше слоганот на ВМРО, „Македонија на Македонците“, и се застапуваше за независна македонска држава која ќе ги гарантира правата и слободите на сите граѓани, без разлика на етничката или верската припадност. Откако ВМРО беше расформирана во 1934 година, МПО – дејствувајќи како надворешно политичко крило на ВМРО – стана единствениот директен наследник на историската револуционерна организација.

Меѓутоа, како еден народ со два идентитети кои имаат заедничка македонска свест, сите ние сме вистинските наследници на историското ВМРО. Нашата заедничка патриотска македонска свест потекнува од ВМРО и нејзината мисија да се создаде слободна и независна македонска татковина. Зборовите, постапките и подвизите на ВМРО беа тие што го засадија семето на нашиот патриотизам кај нашиот народ.

Во однос на досегашните односи на МПО со партијата ВМРО-ДПМНЕ, засега нема официјални односи. Но, неформално остваривме контакт со одредени индивидуи поврзани со партијата, пренесувајќи им ја нашата мисија и давајќи им попозитивен поглед на она што го претставува МПО. Од нашите првични разговори со нив, восприемаме волја и подготвеност за отфрлање на наративот од Студената војна за минатото и за заменување со помирувачки наратив поврзан со нашата заедничка патриотска македонска свест. Очекуваме во иднина формално да воспоставиме позитивен и помирувачки однос со ВМРО-ДПМНЕ, како и со која било друга партија или организација што е заинтересирана да најде праведно и одржливо решение за современото македонско прашање.

Стефанов: МПО вложува напори да создаде Заедничка историска комисија во сенка

Трајаноски: Потпретседател на актуелната влада на Северна Македонија заедно со министер од српската влада годинава одбележуваше 111 години од Брегалничката битка, а претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ заеднички ја одбележуваше со Србија и Кумановската битка на Зебрњак. Но, заедничките одбележувања со Бугарија сѐ уште се проблем, поради историските спорови и непризнавања. Иако Договорот со Бугарија од 2017 требаше да биде договор за иднината, поради пропагандните историски толкувања тој како да се претвори во договор за контроверзното минато.  Може ли да се дојде до „заедничка историја“ со Бугарија која „ги поврзува двете држави и нивните народи“, наместо „заедничка историја“ која ги раздвојува и дели двете држави и нивните народи? Или, во односите со Бугарија е подобро да се свртиме кон иднината, и градење реални мостови и автопати, наместо да тонеме во живиот песок на минатото?

Стефанов: Верувам дека има некои главни делови од историите на Северна Македонија и Бугарија кои се споделени или заеднички. Проблемот е што Македонците и Бугарите кои седат во Заедничката македонско-бугарска историска комисија се поларизирани во своите позиции и не се подготвени да отстапат во насока на помирување и компромис. На пример, јас верувам дека нашата историја под отоманска власт е иста историја и за двете земји. Исто така, верувам дека некои делови од нашите истории не се заеднички; на пример, поделбата од 1913 година нè постави на различни патеки кои на крајот доведоа до две различни истории и идентитети. Заедничката историска комисија има потреба од нови членови кои се со слични мислења и целосно посветени на воспоставување позитивни односи и целосно посветени на прекинување на застојот кај обете земји. Тие, исто така, мора да бидат реалистични во разбирањето дека  испорачување на предлог решенија (макар и првични, несовршени) е многу подобро од едноставно откажување од процесот! Ова е причината зошто порано ги спомнав напорите на МПО да создаде Заедничка историска комисија во сенка и да ги сподели резултатите со владите и електоратите на обете нации. Конечно, гледам и потреба да се фокусираме истовремено и на иднината. Историјата не учи тека дури и најлошите непријатели можат да станат пријатели. Доста земји имаат одлични современи односи, но многу контроверзно и негативно минато!

Стефанов: Еден начин да се ублажи злонамерното руско влијание е македонската република да се приклучи на ЕУ

Трајаноски: Минатата година видовме дека и во самата Бугарија нема „заедничка историја“ во врска со нивниот национален празник 3 март, и околу споменикот МОЧА (Паметникот на Советската армија), чие делумно демонтирање предизвика нова политичка и општествена поларизација и конфликт. А Бугарија продолжува да инсистира на „заедничка историја“, аналогно на инсистирањето на Русија за „заедничка историја“ со Бугарија по Руско-Турската војна и Втората Светска Војна.  Повеќе интелектуалци и политичари кај нас прават аналогии помеѓу руската империјалистичка пропаганда кон Украина (со која се негира украинскиот идентитет, јазик и државност) и бугарската пропаганда кон Македонија (со која се негира етничкиот македонски идентитет, македонскиот јазик и државноста). Има ли МПО решение како да дојде до помирување во услови на сериозно руско пропагандно влијание на Балканот, кое користи и историски дезинформации и теории на заговори за да ги зајакне стравовите кај етничките Македонци во врска со иднината на македонскиот идентитет, македонскиот јазик, и македонската држава?

Стефанов: Засега, МПО нема решение како да се постигне помирување во услови на сериозно руско мешање на Балканот кое користи и историски дезинформации и теории на заговор за да ги зајакне стравовите на етничките Македонци во однос на иднината на македонскиот идентитет, македонскиот јазик и македонската држава. Сепак, еден начин да се ублажи злонамерното руско влијание е македонската република да се приклучи на Европската унија која нуди економска стабилност и придобивки, мир и безбедност – фактори кои ќе го подобрат животот на сите македонски граѓани. Клучно во овој поглед е брзото исполнување на барањата на ЕУ за да се постигне навремено членство во ЕУ.

Практиката на многу македонски интелектуалци и политичари кои прават аналогии помеѓу рускиот империјализам кој го негира украинскиот идентитет, украинскиот јазик и украинската држава и бугарската пропаганда кон Македонија која го негира етничкиот македонски идентитет, македонскиот јазик и македонската држава е навистина лажна аналогија. Бугарија беше првата нација што ја призна македонската република. Според официјалните претставници со кои разговарав, Бугарија исто така го признава постоењето на македонскиот идентитет и јазик по 1945 година, но го негира нивното постоење пред 1945 година. Второ, членството во Европската унија ќе ги ублажи сите перципирани закани од Бугарија бидејќи од членките на Европската унија се бара да промовираат мирни и позитивни односи со сите свои европски соседи. Трето, за разлика од Бугарија и Северна Македонија, Русија е во тотална војна со Украина со цел целосно уништување на украинската држава, украинскиот јазик и украинскиот идентитет. Тоа не е случај со Бугарија. Меѓутоа, Бугарија треба да стане поотворена во однос на македонската свест која се развила многу порано од 1945 година.

Стефанов: За две години гордо ќе ја прославиме 100-годишнината од „Македонска трибуна“

Трајаноски: Да се навратиме малку на историјата на МПО и Македонска Трибуна, кои се сѐ уште прилично контроверзна тема во Македонија. На пример, во Македонска енциклопедија на МАНУ стои дека „МПО се залагала за отцепување на Македонија од Федерална Југославија, отстранување на комунистичкиот систем и создавање самостојна демократска држава на „македонските Бугари““. А за Македонска трибуна пишува дека „Од 1997 г. печати и некои написи на македонски јазик (со латинично писмо), но со антинационална содржина“. Како вие би им ги претставиле на македонските читатели МПО и историската улога на „Македонска трибуна“, која за неколку години ќе одбележи и еден век постоење?

Стефанов: Како што наведов претходно, МПО доживуваше криза на идентитет во 1950-тите до 1990-тите, вербално и писмено напаѓајќи ги етничките Македонци, затоа што етничките Македонци и југословенската македонска држава ги напаѓаа следбениците и членовите на МПО. Цитатот од „Македонска енциклопедија“ е едноставно пример за нејзините пишани напади. Тековната помирувачка мисија на МПО повеќе не го следи овој наратив. Цитатот од Македонска трибина од 1997 година е потполно ист како и другиот цитат. Тоа илустрира што ние бевме тогаш, а не што сме ние сега. Денеска ние ја славиме богатата разновидност на македонските идентитети, вклучително и етничкиот македонски идентитет, додека, истовремено продолжуваме да ја почитуваме нашата историја, вклучително и бугарскиот македонски идентитет на основачите на ВМРО и МПО.

Нашиот нов правец и обновената мисија се одразуваат и на страниците на нашата најсакана историска публикација, „Македонска трибуна“, официјалниот печатен орган на нашата организација. Првпат отпечатен на 10 февруари 1927 година, „Македонска трибуна“ е најстариот македонски весник во светот што континуирано се издава. Неизмерно се гордееме со фактот дека опстои речиси еден век, поткрепен целосно со донации и непоколеблив ентузијазам и поддршка на нашата патриотска дијаспора во Северна Америка. Духот на ВМРО, кој е вграден во етосот на весникот, беше движечката сила зад неговата отпорност и долговечност – дух кој во МПО го донесе иницијаторот и основач на весникот, Јордан Чкатров, кој беше лично испратен во Северна Америка од Тодор Александров, легендарниот македонски револуционерен водач, за да ја организира македонската дијаспора.

За време на критичните меѓувоени години и во текот на Студената војна, весникот служеше како зборно место на патриотската македонска дијаспора и светилник на надеж, инспирирајќи ги да ја продолжат борбата за слобода и независност на Македонија.

Да, за само две години гордо ќе ја прославиме 100-годишнината од „Македонска трибуна“ и би ни било чест доколку македонската држава ни се придружи во одбележувањето на овој значаен момент.

Стефанов: „Независна Македонија, Швајцарија на Балканот“ може да биде обединувачка идеја денес

Трајаноски: Колку идејата за „независна Македонија, Швајцарија на Балканот“ може да биде обединувачка идеја денес, имајќи предвид дека владејачката партија со предзнак ВМРО пред 7-8 години водеше поларизирачка кампања против „федерализација и кантонизација“ и двојазичност во земјата, по која секое спомнување на овие изрази сѐ уште предзивикува „патриотски говор на омраза“, жигосување и поделби на „патриоти“ и „предавници“?

Стефанов: „Независна Македонија, Швајцарија на Балканот“ може да биде обединувачка идеја денес. Швајцарија на Балканот е фраза која ја промовира идејата дека сите Македонци без разлика на нивната етничка припадност, јазик или вера се еднакви граѓани. Тие се патриотски Македонци кои ги почитуваат различните посебни идентитети на нивните пријатели, соседи и други сограѓани. Овој концепт нужно не вклучува федерализација, кантонизација итн. – туку подразбира држава во која секој се чувствува безбедно и во која никому не му се ускратуваат човечковите права.

Стефанов: МПО ја продолжува својата поддршка за независната македонска држава – особено за членство во НАТО и ЕУ

Трајаноски: На крај, денеска кога ја одбележуваме 33-годишнината од независноста, можете ли да потсетите на улогата на МПО во официјалното признавање на независноста на Македонија. Лани МПО укажа дека „трите дела на Македонија се обединети геополитички во НАТО“, но посакуваното обединување во ЕУ се чини е блокирано. Новата влада засега не покажува политичка волја да ги продолжи преговорите со ЕУ под постојните услови, туку се залага за повторно „репреговарање“, а притоа нема волја ни да ја продолжи изградбата на Коридор 8 со Бугарија. Што мислите за пост-изборните оценки на бугарските медиуми дека Македонија е сега поблизу до „српскиот свет“ и „рускиот свет“, отколку до „европскиот свет“?

Стефанов: Постизборните оценки на бугарските медиуми дека Македонија сега е поблиску до српскиот и рускиот свет отколку до европскиот свет се обидуваат да имплицираат дека Северна Македонија се уште е дел од наративот на Студената војна без интерес да биде дел од обединета Европа. Верувам дека поранешната влада ги загуби изборите не затоа што луѓето сакаат да бидат дел од рускиот и српскиот свет, туку затоа што поранешната влада беше неодлучна да направи каков било потег што може да доведе до губење на власта. Поранешната влада дури и беше неодлучна да ги спроведе условите за кои тие веќе се согласија. Другата причина зошто поранешната влада ги загуби изборите беше фрустрацијата на македонскиот електорат поради неспособноста да ги заврши работите и нејзината неефикасност во справувањето со претставниците на ЕУ кои создаваа перцепција дека ЕУ навистина не сака Северна Македонија да стане членка. Со други зборови, електоратот не гласаше толку за сегашната владејачка партија, гласаше против поранешната!

За да одговорам на вашето прашање во врска со улогата на МПО во официјалното признавање на независноста на Македонија, ќе цитирам нешто напишано на веб-страницата на МПО, од 8 септември 2022 година: „Денес, кога народот на Северна Македонија и Македонците ширум светот го слават Денот на Републиката – време е да се потсетиме на важната улога што ја одигра МПО за официјалното признавање на независноста на Северна Македонија. Само неколку дена откако парламентот на тогашната Република Македонија ја прогласи својата независност (8 септември 1991 година), големите водачи на МПО – Иван Лебамов, полковникот Борис Чалев од USAF (пенз.), Крис Иванов, Џорџ Лебамов и други – активно лобираа со владите на САД и Канада, други релевантни меѓународни фактори и ја ангажираа широката македонска заедница во Северна Америка да изврши притисок за меѓународно признавање на Македонија. Денес, Северна Македонија и Соединетите Држави уживаат односи на соработка за широк спектар на политички, економски, културни, воени и социјални прашања. Исто како што правеше во тек на минатиот век, денес МПО ја продолжува својата поддршка за независната македонска држава – особено во однос на решителните чекори на земјата кон членство во НАТО и ЕУ, како и нејзината подготвеност отворено да ја прифати вистината за македонската историја пред Втората светска војна. Среќен Ден на независноста, Македонијо!“

Интервјуто го водеше: Жарко Трајаноски, истражувач и публицист.

Зачлени се на нашиот е-билтен