Данела е лажга и клеветничка – така пресуди судот денес, речиси три години откако Данела пред новинари и камери ме клеветеше дека сум трошел градски пари за да јадам и пијам по кафани, објави на Фејсбук, Никола Наумоски, поранешниот шеф на кабинетот на ексградоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Во овие три години, вели Наумоски, таа вешто ги избегнуваше сите судски покани, избегнуваше и одолговлекуваше, а на крајот не приложи ниту еден доказ за наводното трошење. Иако на располагање ја има целата архива на градот и сите документи, таа не успеа да најде ниту една инкриминирачка сметка, фактура, налог, било што со што ќе може да ја поддржи нејзината лага, пишува Наумоски.
„Знам дека медиумите кои тогаш ја проследија оваа лага и кои не го објавија мојот тогашен демант, нема ни денес да се потресат за да ја објават одлуката на судот. Написите и ден денес стојат во нивните архиви. Не е тоа никаква правда после три години да добиеш судска пресуда, спротивна од осудата во јавноста. На луѓе како Данела тоа не им е важно, затоа што се луѓе без образ, кои не ги болат лагите (или вистините) кажани во јавност за нив. Мене ме болеше, а и моите блиски, па затоа морав да инсистирам на судска разрешница, а сега ќе инсистирам и на отштета и што поголемо и посуштинско јавно извинување од најдобрата менаџерка која некогаш чекорела по оваа скопска котлина“, истакна во објавата Наумоски.
Никола Наумоски, во март 2022 година ѝ поднесе тужба за клевета на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.