Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Никола Николиќ: „Атакама“ е книжевна метафора за пустините во сите нас

Во рамките на новиот фестивал за литература и општа култура – „Видик“, вчеравечер (21 мај), во „Литература.мк“, на улица „Македонија“, беше промовирана збирката раскази „Атакама“ од црногорскиот автор Никола Николиќ. Книгата, која е дел од едицијата „Литера модерна“, во издание на „Арс Ламина“, од црногорски јазик ја преведе Дејан Василевски.

Промоторка на ова издание беше писателката Румена Бужаровска, а во улога на модераторка беше уредничката Оливера Ќорвезироска.

Николиќ (1989) истакна дека поезијата е најсовршена форма за изразување, но преферира да пишува кратки и долги прозни дела. Иако досега има објавено три романи: „Јазол“ (Čvor, 2011), „Меандра“ (Meandar, 2014) и „Сирени за тревога“ (Sirene za uzbunu, 2019), сепак вели дека расказите му се подрага форма за пишување.

„Атакама“ е збирка од петнаесет покуси и подолги раскази, длабоко нурнати во современите појави и проблеми на црногорското, но и на поширокото општество на нашето време. Николиќ ги осветлува темнините за кои обично се молчи, директно и крајно отворено. Пишува за самоубиство, за прерани болести, за сложени семејни и љубовни врски, но и за тоталитаризмот и за судирот на различните култури. Иако се вика „Атакама“, како чилеанската пустина – едно од најсушните места на светот, збирката на Николиќ бескомпромисно го опфаќа црногорското милје, метафорично потпирајќи се на пустините и сушите во сите нас, на нашите лични, помалку или повеќе скришни „атаками“.

– Атакама е симбол за две крајни ситуации во кои можат да се најдат луѓето. Расказот „Атакама“, по кој е именувана и збирката, го напишав меѓу првите. Настана откако го погледнав документарното ремек-дело на чилеанскиот филмаџија Патрицио Гузман „Носталгија за светлината“, во кое се прикажуваат допирот и комуникацијата на две крајности, две потраги – едната по нови форми на живот, а другата – барање на остатоците од жртвите на диктатурата, расеани во пустината. Во расказот се обидов да ја отсликам националната трагедија над која, сепак, се издигнува надежта: жените бараат коски, остатоците од нивните сакани, во сенка на огромните телескопи на астрономите, кои се во потрага по нов живот. Едни бараат доказ (знак) за смртта, а другите за живот. Во мојата приказна се обидов да ги спојам двете крајности, па така астрономот ѝ помага на една жена да го пронајде мртвото тело на својот син. Дистанцата само навидум е непремостлива, всушност солидарноста меѓу луѓето е мостот, а желбата за живот, заеднички двигател. Приказните од „Атакама“, особено од централниот дел наречен „Хоризонти“, со некои модификации, би можеле да се случат секогаш и секаде на нашата планета. Сѐ што е видливо со голо око е предмет на еволуција и диференцијација. Чувствата, суштинските, она што го гради човекот однатре – се еднакви по природа, каде и да се замислат – рече Николиќ, кој по професија е новинар, и вели дека вистинските приказни често се среќаваат во неговите книжевни дела.

Бужаровска посочи дека реалните политички теми често се инспирација на Николиќ, тој и во секојдневието се интересира и е информиран за актуелните политички случувања. Тоа се забележува и во неговите дела, а видливо е и во носечкиот расказ „Атакама“.

Покрај „Атакама“ (во Црна Гора објавен во 2016 година), ја има објавено и збирката „Исечете ги високите дрвја“ (Posijecite visoko drveće, 2023). Коавтор е на книгата „2020“ (дневнички записи), со уште петмина автори од екс-ју земјите, објавена во Загреб, Белград и во Скопје. Добитник е на наградата „Бихорска Венера“ за краток расказ. Расказите му се преведувани на албански, англиски, италијански, германски и на македонски јазик. Збирката раскази „Атакама“ е преведена и на италијански јазик (2023).

Зачлени се на нашиот е-билтен