Поранешниот претседател на Франција, Никола Саркози, е осуден на пет години затвор, од кои две условно, јавуваат француските медиуми.
Саркози (70) е прогласен за виновен за криминално здружување во случајот во кој беше обвинет дека примил нелегални средства за финансирање на изборната кампања од либискиот диктатор Моамер Гадафи.
Судијката Натали Гаварино посочи дека тој им овозможил на блиски соработници контакти со либиски официјални лица со цел да обезбедат финансиска поддршка за кампањата. Судот сепак оцени дека нема доволно докази оти Саркози бил директен корисник на парите.
Освен затворската казна, Саркози треба да плати и парична казна од 100.000 евра. Очекувано, неговите адвокати веднаш најавија жалба, со што извршувањето на казната ќе биде одложено до конечна судска одлука.
Истрагата започна во 2013 година, по сведочења на Саиф ал-Ислам, синот на Гадафи, дека милиони евра биле префрлани за кампањата на Саркози. Подоцна, либанскиот бизнисмен Зијад Такиедин изјави дека има докази за исплати вредни 50 милиони евра.
Заедно со Саркози, обвинети беа и поранешни министри за внатрешни работи – Клод Геан, кој е прогласен за виновен за корупција, и Брис Ортеф, осуден за криминално здружување.
Саркози ја извршуваше претседателската функција од 2007 до 2012 година и постојано ги негираше обвиненијата, тврдејќи дека се политички мотивирани.
Ова не е прва казна за него:
- Во 2021 година беше осуден за обид за поткуп на судија.
- Во 2024 година доби казна за пречекорување на трошоци во кампањата за реизбор.
Со оваа пресуда, тој останува првиот поранешен претседател на Франција кој добива затворска казна.