Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Николовски: Македонското вино е препознатливо во светот, земјава е во топ 15 извознички во светот

„Само во последната година вредноста на извозот на вино е зголемена за 12 милиони евра. Во најдобрите 15 земји извознички сме во светот. Ова е сектор во кој треба да се инвестира и да се знаат долгорочно целите“, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски во „Студио 10“ на ТВ24.

Тој додаде дека со новиот закон за вино, кој е изработен со вклученост на лозарите, винарниците се усогласува македонското законодавство со деветте европски регулативи.

„Тука имаме дел за заштита на географските обележја, ознаки на потекло, формирање на организации на производители“, рече Николовски.

Министерот кажа дека од утре започнува вториот саем за вино во рамките на Отворен Балкан, каде ќе има претставници од 60 земји и над 500 винарии, од кои 75 ќе бидат од Северна Македонија.

„Бевме и во САД, бевме и во Шангај. Насекаде се препознава квалитетот на македонското вино, затоа е добро со стратегија, закон и долгорочни политики да го поддржиме секторот“, рече Николовски.

„Оваа година има пад на приносот и во Франција и во сите традиционални производители на вино. Бројките покажуваат дека за 30 отсто приносот е намален и кај нас. Болеста и климатските промени го направија своето“, потенцираше Николовски.

Тој додаде дека поради тоа покрај основните субвенции од 40 илјади денари по хектар, лозарите ќе добијат дополнителна субвенција од 12 илјади денари по хектар и по 1 денар дополнително на продаден килограм грозје.

„Ќе направиме сè лозарите да ги одржуваат лозовите насади и да дадеме финансиски фокус. Покрај 10 милиони редовни субвенции, ова се уште 4 милиони дополнителни субвенции оваа година кон лозарите“, рече Николовски.

Зачлени се на нашиот е-билтен