Поранешниот вицепремиер Љупчо Николовски обвини дека актуелната влада ја запоставува лозаро-винарската гранка и дека, за разлика од периодот на СДСМ, во текот на изминатата година е регистрирана само една мала семејна винарија. Во статус на социјалните мрежи, Николовски наведе дека Владата на 29 јули 2025 година донела одлука за поддршка на винариите од 2 денари по литар произведено вино, без тоа јавно да го соопшти, и без истовремено да обезбеди дополнителна поддршка за лозарите по килограм грозје, како што, според него, се правело секоја година во времето на СДСМ.
Тој потсети дека новиот Закон за вино, усвоен минатата година, го обврзува Министерството најдоцна до 15 јули да ја објави производната цена на грозјето – основа за загарантираната откупна цена (минимум +25%). „Сега сме кон крај на август, а државата нема никаков абер“, напиша Николовски, обвинувајќи дека производната цена се „крие“ и дека така се прекршува законот.
Николовски тврди и дека во 2024 била прекината политиката на дополнителна поддршка за лозарите, тренд кој, според него, продолжува и годинава. Како примери наведува: неисплатена „зелена нафта“ (100% од 9.600 денари по хектар), укинување на авансната исплата на 30% од субвенциите (12.000 ден./ха), како и укинување на мерката од 60.000 ден./ха за производство на висококвалитетно грозје за премиум вина. Дополнително, вели, се укинати програмите за старт-ап бутик семејни винарии, поради што „резултатот е поразителен“: во време на СДСМ, според неговите податоци, во една година биле регистрирани 101, а во две години 200 мали винарии, додека „во време на ДПМНЕ – само 1 за една година“.
Истовремено, Николовски посочува дека за големите компании годинава е „зголемен лимитот“ на поддршка и дека тие можат да користат до 1 милион евра субвенции. „Лозарството е стратешка извозна гранка, а лозарите заслужуваат фер цена и почит, а не кршење закони и двојни стандарди“, порача тој, додавајќи дека со СДСМ поддршката кон секторот се водела „отворено, транспарентно и партнерски“ – и со лозарите и со винариите.