Никозија ја поздрави одлуката на ЕК за назначување на Хан за специјален пратеник за Кипар

Кипарскиот претседател Никос Христодулидис и министерот за надворешни работи Константинос Комбос ја поздравија одлуката на Европската комисија да го назначи поранешниот европски комесар Јоханес Хан за специјален пратеник за Кипар, јави дописничката на МИА од Атина.

Христодулидис преку платформата Х ѝ се заблагодари на претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен за, како што напиша, нејзиното лидерство.

– Назначувањето на Јоханес Хан за ваш специјален пратеник за поддршка на напорите предводени од ОН за повторно обединување на Кипар, во согласност со Резолуциите на Советот за безбедност на ОН и правото на ЕУ е опиплив доказ дека ЕУ цврсто и решително стои со Кипар и неговиот народ, напиша Христодулидис.

Шефот на кипарската дипломатија, исто така преку Икс, истакна дека е „навремен и значаен чекор во поддршка на напорите предводени од ОН за повторно обединување на Кипар“ и коментираше дека именувањето на специјален пратеник за Кипар е „резултат на дипломатските напори на претседателот Христодулидис“.

Европската комисија денеска го именуваше поранешниот европски комесар за регионална политика, за проширување и за буџет и администрација Јоханес Хан за свој специјален пратеник за Кипар, а ќе има задача да придонесува во процесот за решавање на кипарското прашање во рамки на Обединетите нации во тесна соработка со личната пратеничка на генералниот секретар на ОН за Кипар, Марија Анхела Олгин Куељар.

Хан, дополнително, ќе има обврски да поднесува извештаи за напредокот во процесот до претседателката на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен.

Зачлени се на нашиот е-билтен