NIS бара нова американска лиценца за непречено работење додека траат преговорите

Нафтната индустрија на Србија (NIS) поднела ново барање до Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) при американското Министерство за финансии, со цел да добие специјална лиценца што ќе и овозможи непречено функционирање во периодот на интензивни преговори за промена на сопственичката структура, пренесува nova.rs.

Претходната лиценца, издадена на 14 ноември и важечка до 13 февруари 2026 година, им овозможи на акционерите и потенцијалните партнери да ги започнат разговорите за идното управување со компанијата.

Од NIS појаснуваат дека новото барање до OFAC е поднесено во согласност со тековната динамика на преговорите меѓу акционерите и заинтересираните инвеститори. Целта е да се обезбеди лиценца која ќе гарантира континуитет во работењето додека трае потрагата по „одржливо решение за NIS“.

Во компанијата очекуваат дека одобрувањето на новата лиценца ќе овозможи стабилно функционирање на сите оперативни процеси во периодот кога се одлучува за нејзината иднина.

Зачлени се на нашиот е-билтен