„Ништо ново“ за 9 месеци: 160 поправени предмети и растечка свест дека не мора сè да се фрла

Центарот за поправки „Ништо ново“, иницијатива на граѓанската организација АРНО, веќе девет месеци функционира како простор во кој граѓаните учат дека наместо постојано да купуваат ново – можат да поправаат, преправаат и пренаменуваат, а наместо да фрлаат – да разменуваат.

Со Ирина Јаневска, основачка на Центарот, разговараме за тоа колку се менува свеста кај граѓаните и дали поправката повторно станува логичен избор. Таа вели дека во изминатиов период е забележлива зголемена видливост на „Ништо ново“, особено преку социјалните мрежи, но и растечки интерес за конкретно учество.

„Во овие девет месеци најмногу допревме до луѓе кои веќе размислуваат во таа насока – ние само им понудивме платформа, простор и алати каде можат практично да ги реализираат своите идеи за поправка“, вели Јаневска.

Бројките го потврдуваат интересот: досега во Центарот се поправени 160 предмети, го посетиле 550 граѓани, а интерес за работилниците покажале околу 1.500 лица. Реализирани се вкупно 35 активности – меѓу кои шест отворени денови за текстил, 12 текстилни работилници за машинско и рачно шиење, пет работилници за поправка на скутери, пет за велосипеди, една разменотека и еден отворен ден за средба на сите засегнати страни.

Иако интересот расте, Јаневска посочува дека свеста не може да се гради без логичен и функционален систем. „Колку и да креваме свест, ако работите немаат логика, на крај сè останува на ентузијазам и мускули и завршува на ниво на проект. На Скопје му недостига и поголема јавна свесност, но и институционална поддршка“, вели таа.

Затоа упатува апел до општините да ги отворат просторите што ги имаат на располагање за вакви иницијативи, со цел граѓаните да имаат места каде можат да се собираат и активно да се вклучат во различни формати на циркуларна економија.

Според Јаневска, бенефитите од поправките се повеќеслојни: од личното задоволство и чувството дека сме дел од решението, преку секојдневни навики како селекција на отпад и поправки во домот, до конкретната финансиска корист. „Поправките се добри и за совеста, но пред сè – и за џебот“, заклучува таа.

Зачлени се на нашиот е-билтен