Нобел за хемија за собирање вода од пустински воздух

Научниците Сусуму Китагава од Јапонија, Ричард Робсон од Австралија и Омар М. Јаги од САД се добитници на Нобеловата награда за хемија за 2025 година, објави денес Кралската шведска академија на науките.

Тројцата истражувачи ја добија наградата за развојот на метално-органски рамки (MOF) – молекуларни структури со големи пори низ кои можат да течат гасови и течности. Овие рамки имаат широк спектар на примени: од собирање вода од пустински воздух, преку заробување на јаглерод диоксид, до складирање токсични гасови и катализирање хемиски реакции.

Нивното откритие претставува револуција во материјалната хемија, со огромен потенцијал за решавање на климатските и енергетските предизвици.

Оваа година Нобеловата награда за хемија се доделува по 116-ти пат. Досега ја добиле 197 лауреати, меѓу кои најмладиот бил 35-годишниот Фредерик Жолио (1935), а најстариот Џон Б. Гуденаф, кој во 2019 година ја доби наградата на 97-годишна возраст.

Минатата година наградата им беше доделена на научниците Дејвид Бејкер, Демис Хасабис и Џон Џампер за откритија поврзани со вештачката интелигенција и дизајнот на нови протеини.

Церемонијата на доделување на Нобеловите награди ќе се одржи на 10 декември – на годишнината од смртта на основачот Алфред Нобел, пронаоѓачот на динамитот.

Зачлени се на нашиот е-билтен