НОМАГАС ја зголеми својата капиталната вредност

Акционерското друштво за вршење енергетска дејност пренос на природен гас НОМАГАС АД Скопје, во државна сопственост, денеска соопшти дека успешно ја зголемило својата капитална вредност преку претворање на побарувањата на Република Северна Македонија по основ на платени побарувања кон странски кредитори во траен влог.

Според НОМАГС, тоа е важен чекор реализиран по нивна иницијатива и со поддршка и предлог од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и претставува силна основа за успешно работење и понатамошен развој на гасната инфраструктура на државава, како и за зацврстување на сопствеата позиција како дел од европскиот енергетски коридор Север-Југ.

Истакнуваат дека со заедничка и координирана работа, успехот е неизбежен и оти со донесување на Законот за претворање на побарувањата на Република Северна Македонија по основ на платени обврски кон странски кредитори во траен влог во АД НОМАГАС Скопје државата покажала сериозност и придонес во развојот на гасификацијата.

Одлуката, како што велат од НОМАГАС, се темели на две јасни начела – зголемување на ефикасноста на работењето на НОМАГАС и обезбедување на финансиска стабилност и солвентност на друштвото.

Посочуваат дека оваа мерка доаѓа во клучен момент – непосредно по успешното отпочнување на работите на Интерконективниот гасовод со Република Грција, проект од стратешко значење за регионалната енергетска поврзаност. За НОМАГАС, стои во информацијата, ова претставува уште една потврда за посветеноста кон исполнување на европските стандарди за оператори на преносни системи за природен гас.

!Со усвојувањето на овој закон се зголеми солвентноста на НОМАГАС АД Скопје, а со тоа и непреченост на операторот на системот за пренос на природен гас да продолжи да го развива национален гасоводен систем во Република Северна Македонија, со цел снабдување на стопанството, јавниот сектор и домаќинствата со евтина и еколошка енергија, а истовремено и намалување на емисијата на штетни гасови во атмосферата. Со ваквите активности, НОМАГАС ја потврдува својата улога како двигател на енергетската транзиција и интеграцијата на Северна Македонија во регионалниот и европскиот енергетски пазар“, информира НОМАГАС.

Зачлени се на нашиот е-билтен