Хрватска потврди ново наоѓалиште на природен гас во северниот дел на Јадранското Море, со проценет потенцијал од околу 220 милиони кубни метри – еквивалентно на околу 1,3 милиони барели нафтен еквивалент. Наоѓалиштето е врзано за новиот бунар IKA A-1 R DIR на постојната платформа IKA-A, а производството веќе е во тест-фаза и гасот се испорачува во националниот гасен систем.
Според податоците на компанијата ИНА, тест-производството започнало два месеци пред предвидениот рок, со дневно производство од околу 120.000 кубни метри природен гас. Тоа го прави IKA A-1 R DIR втор најпродуктивен гасен бунар со кој управува ИНА во Хрватска, што е сигнал дека и „старите“ јадрански полиња сè уште имаат неисцрпен потенцијал, доколку се вложи во нови истражувања и технички подобрувања.
Паралелно со него, во тек се работите на втор бунар – IKA A-4 R DIR. Завршувањето на дупчењето и потенцијалниот почеток на производството од овој бунар се очекуваат во првиот квартал од 2026 година. Двата бунари се дел од нов инвестициски циклус на ИНА, кој вклучува напуштање на дел од старите, испразнети канали и сечење нови траси до резервоари што досега не биле вклучени во производството. Потоа, бунарите ќе бидат поврзани со постојната инфраструктура на платформата IKA-A.
Во поширок контекст, новото лежиште не е „чудо“ кое само по себе ќе ја промени сликата, но е значајно парче од енергетскиот мозаик. Потенцијалот од 220 милиони кубни метри гас е околу осум до девет проценти од вкупната годишна потрошувачка на гас во Хрватска, која во 2023 година изнесувала 2,59 милијарди кубни метри. Во услови кога цените и геополитиката го прават гасот стратешка стока, секое зголемување на домашното производство е директен придонес кон помала зависност од увоз.
Хрватска денес ја темели својата гасна безбедност на три столба: домашното производство, магистралното подземно складиште Околи и, особено, LNG-терминалот на Крк, кој со годишен капацитет од 2,9 милијарди кубни метри веќе формално може да ја покрие целата внатрешна потрошувачка. Но домашниот гас има друга тежина – стабилизира трошоци, ја намалува изложеноста на ценовни шокови на глобалните пазари и им дава на државата и на компаниите повеќе преговарачка моќ во однос на снабдувачите.
Од ИНА отворено истакнуваат дека новите бунари во северниот Јадран се клучен чекор за јакнење на енергетската безбедност, особено ако се земат предвид глобалните турбуленции на енергетските пазари во последните години. Проектот е продолжение на програмата за развој на постојните гасни полиња во Јадранот, која веќе донесе неколку нови бунари и значајни вложувања во домашното производство.
Во исто време, Европа се обидува да ја намали зависноста од рускиот гас и да ја забрза транзицијата кон обновливи извори. Во тој процес, гасот останува „преодно гориво“ – средство да се обезбеди стабилност на системот додека се градат ветерни, соларни и други капацитети. За земји како Хрватска, кои имаат сопствени резерви, логично е да се обидат да извлечат максимум од домашните извори, но во рамки на јасна стратегија за постепено намалување на фосилните горива.
Новото лежиште во Јадранот има и регионска димензија. Во последните години Хрватска постепено се позиционира како енергетско јазол на Балканот – преку LNG-терминалот на Крк, преку планираните интерконекции кон Босна и Херцеговина и другите соседи, но и преку сопственото производство од морските полиња. Колку повеќе домашен гас ќе има во системот, толку е поголем просторoт дел од таа енергија да заврши и кај соседните пазари, особено во регионот кој сè уште силно зависи од увоз.