Нов јадрански спор: Словенија ја повика Хрватска на итни разговори по одлуката на Италија

Словенија официјално ја повика Хрватска на разговори за состојбата во Јадранското Море, откако Италија неодамна прогласи исклучив економски појас, со што, според Љубљана, во Јадранот повеќе нема меѓународни води.

Како што соопшти словенечкото Министерство за надворешни работи, предложен е состанок на министрите за надворешни работи на Словенија, Италија и Хрватска, со цел да се разгледаат последиците од новата правна и поморска реалност во Јадранот.

Италија ја започна постапката за прогласување исклучив економски појас уште во 2020 година, а по одлуката на Хрватска од јануари 2021 година да го направи истото, Рим и Загреб во 2022 година потпишаа договор за разграничување на овие зони.

Словенија, која според одлуката на Арбитражниот суд од 2017 година нема право да прогласи сопствен исклучив економски појас, уште тогаш предупреди дека ваквите чекори не смеат да ги нарушат нејзините права гарантирани со меѓународното и европското право. Хрватска, пак, не ја признава арбитражната одлука.

Од словенечкото Министерство за надворешни работи повторно потенцираат дека правата и слободите утврдени со арбитражната пресуда мора да се почитуваат, особено во однос на пристапот на Словенија до отворено море.

Љубљана нагласува дека, како соседна и поморска држава, има легитимен интерес за сите активности што ќе се спроведуваат во исклучивите економски зони, вклучувајќи риболов, заштита на животната средина, безбедност и соработка меѓу севернојадранските пристаништа.

На словенечка иницијатива уште во 2021 година беше воспоставена трипартитна соработка меѓу Словенија, Хрватска и Италија, а сега е предложено таа да продолжи и на министерско ниво.

Дополнително, Словенија достави забелешки и прашања до Загреб во рамки на прекуграничната проценка на влијанието врз животната средина, поврзана со просторниот план на хрватскиот економски појас.

Тензиите дополнително се зголемија откако хрватското Министерство за надворешни работи објави карта на која границата со Словенија во Пиранскиот Залив е прикажана по средината, иако арбитражниот суд поголемиот дел од заливот ѝ го додели на Словенија.

Словенечките власти потврдија дека редовно испраќаат протестни ноти до Хрватска поради ваквите карти, а последната таква нота била доставена во декември минатата година.

Зачлени се на нашиот е-билтен