Претседателот на СДСМ, Венко Филипче и градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов со фрлање на првите лопати со бетон во камен темелникот го означија почетокот на изградбата на новиот пазар во Струмица, кој ќе биде најголем во државата.
Според струмичкиот градоначалник, пред три години како кандидат за таа функција ја ветил изградбата на пазарот и тоа не било каков туку најголем и најдобар.
-По завршувањето на новиот булевар и првиот булеварски мост во историјата на Струмица, создовме услови за реализација на овој огромен капитален проект на вкупна површина од 43.000 метри квадратни. Покриениот дел на новиот градски пазар е со површина од 8.200 метри квадратни со 527 тезги за продажба на земјоделски и други производи за широка потрошувачка, а планирани се и 250 паркинг места. Ова се денови за радост и гордост, по пристигнатите автобуси, го започнавме и новиот градски пазар, изјави Костадинов.
Според лидерот на СДСМ, Венко Филипче, новиот пазар е еден од многуте проекти на градоначалникот Костадинов и Општина Струмица. Тој смета дека ваквите проекти го зголемуваат квалитетот на целокупното живеење во една општина.
-Ова не е единствен проект. Градоначалникот спомна уште неколку проекти коишто или се одвиваат или допрва ќе треба да почнат во Општината. Заедничко за сите тие проекти е што сериозно го зголемуваат квалитетот во општина Струмица. Тоа е доказ дека градоначалниците на СДСМ работат одговорно во интерес на граѓаните, работат рационално и навистина брзо ги остваруваат сите проекти што се ветени во нивните програми, истакна Филипче.
Инаку, изградбата на пазарот се очекува да заврши за две години, а вкупната вредност е 273 милиони денари.
Фејсбук статус на Костадин Костадинов – Градоначалник на Струмица